Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Една година по исчезнувањето на двете ромски деца во Средорек, семејствата немаат никаква информација за нивната судбина, скршени од болка и неизвесност се надеваат дека се живи и еден ќе се појават на куќниот праг.
Само тие што ги снашла несреќа, како што се случи во ромското семејство Мемедови од Средорек, на кое пред една година им исчезна петгодишно машко дете, знајат колку судбината понекогаш може сурово да казнува. За потсетување, некаде во раната пролет минатата година од дворот на семејството Мемедови исчезна петгодишниот Дани, и до денденес ништо не се знае за неговата судбина. Првата претпоставка беше дека детето се удавило во реката која тече покрај самиот двор на куќата. Специјални спасувачки екипи на полицијата повеќе денови го пребаруваше коритото и крајбрежјето на реката, но залудно. Од детето ни трага ни глас. Како земјата да зинала и го голтнала. Родителите на детето и останатите жители на Средорек не веруваа дека станува збор за несреќен случај, туку дека малиот Дани е киднапиран и продаден како бело робје или за трговија со човечки органи. Сомнежите добија на тежина со фактот дека по десеттина дена од Средорек на мистериозен начин исчезна уште едно, овојпат ретардино девојче на иста возраст со Дани.
Тоа е накратко хрониката на исчезнувањето на двете ромчиња од Средорек врз чија судбина полека паѓа сенката на заборавот на јавноста, освен, се разбира, за неговите најблиски - таткото Драган, бабата Фатија, чичкото Боки. Во нивната куќа засекогаш останува да лебди духот на малечкиот палавко Дани.
„Никогаш нема да прифатиме дека детето е мртво„ - вели во очај таткото Драган.
Бабата Фатија со полни очи солзи ги крши прстите и раскажува:
„Секој ден му се молам на Бога да ми го врати внучето. Или барем да ми доаѓа на сон. И се случува да го гледам на сон. Го гледам така Дани застанат во едно ќоше од дворот, малечок и стиснат, а во рацете држи лепче. Дали е гладен, мил на баба? Го гледам во лицето, тажен е, му ја нема насмевката. Понекогаш на сон ми се јавува свртен со грб и не сака да ми го покаже лицето.Како да ми се лути. Се будам и повеќе не заспивам. Каде ли е сега кутриот, дали му студи, има ли што да јаде, мисли ли на нас или полека не‘ заборава? Господе, стори Дани да е жив, па и нека е украден. Камо среќа да е продаден во некое богато семејство во Германија или било каде, да го израснат мојот Дани некои добри луѓе, да направат од него голем и добар човек. За нас - што даде Господ. Нели Тој дава тој зема!„.
Таткото Драган и чичкото Боки Мемедови на исчезнатото дете му го посакуваат истото, но во жалта и револтот фрлаат тешки сомнежи за вмешаност на одделни криминални елементи во полицијата.
„Мене и брат ми во полицијата не‘ ставаат на полиграф, не‘ притискаат да признаеме дек сме го продале детето. Па што сме ние! Дивјаци? Монструми? Нека ги притиснат криминалците од Средорек кои се занимаваат со трговија со луѓе и во чии куќи пред извесно време пронајдоа десет емигранти од Сомалија и Палестина„ - со гнев обвинува Драган Мемедов.
И не само тој, нема човек во Средорек кој не верува дека двете деца не се жртви на организиран криминал, со киднапирање и трговија со деца. Во последно време нивното уверување силно е поткрепено и со катадневните информации во медиумите за наводната трговија со човечки органи на криминални структури на Косово и во Албанија. Во вистинитоста на таквите стории повеќе или помалку се склони да веруваат многу луѓе, кои никогаш немале лични причини за тоа, а може само да се замисли во каква душевна состојба се роднините на исчезнати деца.