Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По повод 67 годишнината од ослободувањето на Куманово денеска се одржа Свечена академија на која беа доделени Ноемвриските награди. На академијата беа презентирани проектите на локалната самоуправа реализирани во текот на мината година, а следуваше и културно-уметничка програма.
Пред присутните гости се обрати градоначалникот Зоран Дамјановски, кој зборуваше за историскиот развој на градот, но и за перспективите кои го очекуваат.
Куманово е град на мултиетничноста, град на широко отворено срце кон светот. Во историјата на Куманово имало место за секој добронамерник.Куманово беше град предвесник, град визионер и секогаш пред своето време.Куманово така го изгради својот профил да гледа секогаш во иднината, а така е и денес.Овој град покажува дека низ времињата низ неговото опстојување имал сенс за реалноста на животот и секогаш во судбоносните историски премрежија ја одбирал вистинската страна - изјави Дамјановски.
На академијата зборуваше и претседателот на Советот Виктор Цветковски.
Во однос на некогаш, Куманово денеска е поголемo и поразвиенo и најголема општина во независна суверена Република Македонија. Но по многу нешта остануваме исти, мултинационална, мултирелигиозна, но духот ни е тој. Препознатиливи секаде, борбени секогаш, упорни до крај и колку повеќе не стопираат, ние толку повеќе успеваме да направиме, да реконструираме и да гасифицираме, и така чекор по чекор секогаш насмеани. Најголемите маки знаеме низ шега на своја сметка да ги протуркаме, типично за кумановци - рече Цветковски.
Советниците Дритон Рамадани, Ѓорѓе Полиќ и Зекрет Ќазимовски имаа поздравни говори. Тие го потенцираа позитивното значење на мултиетничкиот соживот во градот, и во името на нивните етничките заедници го честитаа празникот на градот.
На свечената академија традиционално беа врачени Ноемвриските награди на поединци и институции кои придонеле за развојот на градот во тековната година. Највисокото признание но градот годинава го добија: Фадиљ Шабани директор на ЈП „Пазаришта„ од областа на менаџерството, Мимоза Андоновска од Здравствениот дом од сферата на здравствената заштита, Љубиша Николиќ директор на гимназијата „Гоце Делчев„ за постигнати резултати во воспитно-образовната дејност и Момчило Антевски директор на средното училиште „Перо Наков„ за достигнувања во областа на спортот.
Наградата „11 Ноември„ за правни лица ја добива Фото кино клубот „Козјак 50„.
Плакети за посебни заслуги од градоначалникот добија: Михајло Михајловски за достигнувања во спортот, постхумно композиторот Миодраг Божиновски и Халин Хида за дипломатска активност.
Во името на наградените се заблагодари Момчило Антевски.
Голема благодарност до сите кои имаа доверба во нас, бидејќи патот не беше лесен да се стигне до оваа награда. Затоа секој до нас во изминатиот период, минуваше низ успеси и паѓања. Привилегија е да се биде меѓу најдобрите. Секој од нас вложуваше максимални напори за развој на својата лична афирмација, за развојот на своето претпријатие, а пред за нашето Куманово - се заблагодари Антевски.