Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за вработување во Куманово евидентирани се вкупно 10.206 невработени лица, заклучно со месец јули од тековната година. Податоци се однесуваат и на лицата од Липково и Старо Нагоричане, кои по евиденција се водат во општинскиот центар.
Од вкупната бројка, 36 се магистри на наука, а нема невработени доктори на наука. Голема разлика по основ на пол е регистрирана кај високо образованите кумановци, 378 жени кои дипломирале на некој од факултетите се невработени, наспроти 164 мажи.
Најбројна група се лицата без образование или само со завршено основно образование, точно 6.172 на списокот. Тука малку побројни се жените- невработени се 3.464 жени, речиси 300 повеќе лица во однос на мажите.
Според времето на чекање 2.734 лица чекаат на вработување 5 до 7 години, а 1.659 повеќе од 8 години.
Од друга страна, постојано има отворени огласи за вработување во големите индустриски капацитети во Речица и Бунарџик, или во трговијата на мало, па често може да се слушне забелешката дека не сакаат и не се нафаќаат да работат во фабрики или места кои бараат поголем физички, временски ангажман или да работат под притисок, за време на викенди и празници. Дел од невработените, сосема разбирливо бараат исклучиво вработување во својата струка, особено високообразовните кадри.
Не можат да се исклучат и здравствените причини поради кои дел од невработените одбиваат одредени позиции.
„Барам работа, ама не се нуди ништо според моите квалификации и можности. Имам завршено средно образование, но никогаш до сега не сум работела во фабрика и мислам дека не би можела, а не е само да тргнеш и да заминеш по само неколку месеци. Алергии, болки во половината и не ми дозволуваат да се пријавам на некои работни места. Се грижам за домот и семејството, среќа децата пораснаа си заработуваат за себе, а јас у сопругот се снаоѓаме со неговата плата“, објаснува Ј. Т. (50), која две години се води како невработено лице.
Во моментов во Агенцијата за вработување се активни неколку мерки од оперативната програма- обука за развој на дигитални вештини, обуки за работно место и обуки за стручни квалификации кај познат работодавач.