Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во рамки на одбележувањето на 30 години од воспоставување на дипломатски односи помеѓу Македонија и Италија, денеска во Куманово беше италијанскиот амбасадор, Андреа Силвестри.
Во рамките на посетата, амбасадорот оствари средба со градоначалникот Максим Димитриевски и со професори, ученици и директори на училишта во кои се изучува италијанскиот јазик.
„Една од главните теми беше изучување на италијанскиот јазик во основните и средните училишта во Општината. Во Куманово италијанскиот јазик се изучува во 5 училишта и тоа три основни и две средни училишта со околу 305 ученика “, потенцираше градоначалникот Димитриевски.
По повод 500 - годишнината од смртта на италијанскиот ренесансен уметник Ил Перуџино, денеска во Занаетчискиот дом во Куманово беше отворена изложбата насловена како „Најдобриот мајстор на Италија”, поветена на делото на овој голем сликар.
Изложбата ја организира Италијанската амбасада, а автор е Стефано Балди.
„Овде сум да ја промовирам изложбата посветена на Перуџино, познат сликар на италијанската ренесанса. Ова е патувачка изложба, презентирана и во други земји, а сега ќе се постави и во различни градови од Македонија. Куманово е првиот град каде ја изложуваме“, изјави Силвестри.
Во рамките на изложбата одржана е и пригодна културно - уметничка програма организирана од страна на Фондација за култура и спорт - Куманово.