Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со сопствени средства од над 4 милиони денари целосно се реконструираат објектите на Итната медицинска помош и Детскиот диспанзер во Куманово.
Градежните работи на овие два објекта се при крај, по што ќе се продолжи со санација на дел од објектот во Тоде Мендол, а во идниот период е предвидена и адатација на поранешната аптека во лабораторија.
„Во Детскиот диспанзер целосно се обновуваат подовите, прозорците, вратите, мебелот и се ќе биде според европски стандарди, со цел да се обезбедат подобри услови за пациентите. Во зградата на Итната медицинска помош, пак, веќе е инсталирано ново греење со топлинска пумпа и ние сме можеби прва здравствена установа во државата која има еколошко и поефтино греење. Следува замена на мебелот, инвентарот и фасадата. Со реконструкцијата на овие објекти се создаваат подобри услуги за примарна здравствена усуга на пациентите , но и за вработените кои работат 24 часа“, вели Фарук Алили, директор на Здравствениот дом.
Во иднина планирано е да се распише нов тендер за да реконструира и објектот на Школската амбуланта, но таму надлежните велат дека работите ќе одат потешко, бидејќи кровната конструкција е од азбесни плочи.
Од установата посочуваат дека засега функционираат тимски за да обезбедат адекватни здравствени услуги за граѓаните, но го истакнуваат проблемот со 40-тина лица кои веќе неколку години се ангажирани преку договор на дело и се без здравствено и пензиско осигурување.
„Некои лица се ангажирани во овие установи и повеќе од 4 години, а се уште работат со договор на дело. А без нив, лекарите, медицинските сестри, администрацијата, ние не можеме да функционираме. Тука спаѓаат и возачите, бидејќи со 4 возачи не можеме да покриеме цел град. Затоа, ни се многу важни вработувањата на овие луѓе кои се дел од установата со годинии, како и зголемување на нивниот број “, додава Алили.
Минатата година од Министерството за здравство , им одобриле вработување на 17 медицински лица, но не и на технички персонал и администрација кои исто така им се потребни.