Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Над 95 отсто од приватните лекари во Куманово се приклучија на тридневен протест со кој се бара зголемување на капитацискиот бод поради порастот на трошоците на животот.
Матичните лекари се на работните места и примаат само итни случаи, но не издаваат упати и рецепти. Тие велат дека пациентите се солидаризираат со нив, па доаѓаат само оние кои мораат да завршат некоја неодложна административна работа како затворање на боловање или закажана контрола.
„Единствени сме во штрајкот, не креираме упати и не издаваме рецепти, но ги примаме итните случаи. Нашиот протест не е против пациентите, туку против арогантниот однос на министерот, кој во изминатиот период не сакаше да ја прими нашата работна група и да ги разгледа нашите барања за да се најде компромисно решение. Со ребалансот на буџетот не се предвидени сретства за матичните лекари, а на нас трошоците ни се зголемени, а приходите лимитирани. Затоа никој од малдите лекари не сака да биде матичен лекар и сите избегаа од државата“, вели д-р Фатмир Асани, претседател на Здружението на матични лекари во Куманово.
Тој вели дека 10 матични амбуланти во Кумановско работат со приход помал од 60.000 денари, а други четири кои работеле во Здравствениот дом во населбата „Тоде Мендол“, морале да се иселат затоа што Министерството не сака да им ги продолжи договорт за концесија и сега работат во приватни објекти и плаќаат повисока кирија додека старите простории стојат празни.
Приватните лекари покрај зголемување на капитацискиот бод, меѓу останатото бараат електронско здравство, бришење на дестимулативната скала, зголемување на буџетите за специјалисти и лаборатории и за рурални амбуланти, да не се затвораат ординации на лекари кои сакаат да продолжат да работат над 64 години.
Во приватната здравствена заштита има околу 1500 лекари.