Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Само во изминатава година ипол се решени педесет тешки случаи, а претходно уште десет ромски семејства кои добиле лични документи со помош на Националниот Ромски Центар.
Од НРЦ велат дека проблем е што многу Роми се родени во земјите од бивша СФРЈ и навреме не ги средиле документите, па затоа и нивните деца немаат документи за идентификација. Тие потенцираат дека ромските семејства живеат во релативно мал простор и при пожар или друга непогода ги губат документите, а некои од децата се родени дома и не се заведени во матично.
Ова е сериозна и тешка работа која бара многу правни познавања. Имаме добра соработка и координација со матичната служба. Дел од Ромите се случувало да бидат изманипулирани и се плашат. Во последниве три години со поддршка од Букурешт, во рамки на соросовата програма преку 400 семејства на ниво на Македонија дојдоа до документи. Имаме Меморандум потпишано со МВР и со нив сме излегувале на терен. Политиката на државата не била практична и затоа има вакви проблеми - вели Ашмет Елезовски, менаџер на НРЦ Куманово.
Елезовски додава дека еден случај може да чини до 2000 евра. Поради работата тие мораат да патуваат во странство, да праќаат писма, да платат здравствено осигурување за луѓето кои ги носат преку граница. Од НРЦ потврдуваат дека има Ромки со навршени 25 години кои родиле две деца, а не поседуваат никаков документ. Во семејството Решитовски во Средорек мајка на две деца досега немала лична карта , а за да извади и треба согласност од родители
Сега работиме со фамилија од Проевце и само за нив треба да извадиме петнаесет документи. Во Бавчи средивме за документи за мајка, син и ќерка. За еден документ се чека од шест месеци до година зависно колку е сложена ситуацијата. Со школите имаме добра соработка. Ги запишуваме децата, а дури потоа вадиме извод. Само во Србија за службени потреби годишно одиме по 20 или 30 пати - објаснува Елезовски.
НРЦ со оваа проблематика се занимава цели четири години. Нивна задача е ромските деца кои постојат, а правно никаде не фигурираат да ги вметнат во системот и да им извадат лични документи. На терен оваа организација излегува со двајца правници и три до десет теренски работници кои треба да ги мотивираат граѓаните и да им објаснат колку е важно да се поседуваат лични документи.