×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Благодарници за Нада Ивановска и Мирјана Златановска за промоција на пишаниот збор по повод Светскиот ден на книгата

    26.04.2023 18:05 | Оливера Пешевска

    Благодарници за особен придонес и залагање во библиотекарството, пишаниот збор и литературата добија Нада Ивановска и Мирјана Златановска од Куманово, по повод Светскиот ден на книгата, 25 Април.

    Благодарници за Нада Ивановска и Мирјана Златановска за промоција на пишаниот збор по повод Светскиот ден на книгата

    Иницијативата за промоција на заслужни дејци кои го негуваат пишаниот збор и книжевноста е на Центарот за култура од Куманово и се организира за првпат. Признанието за Ивановска и Златановска било неочекувано и прекрасно изненадување.

    „Кога книгата ти е избор и животна определба нема поголема награда.Таа ми е пријател и најблизок другар. За мене книгата е се, ми ги исполнува осамените пензионерски денови, а особено бессоните ноќи. Со неа заспивам и се будам“, посочи Нада Ивановска, дипломиран филолог, која има 27-годишен работен стаж како директорка на библиотеката во Куманово.

    Таа работела 15 години како новинар во „Наш весник“, каде уште тогаш имала рубрика „Библиотеката препорачува“. Досега има добиено многу награди, признанија и пофалници за својата библиотекарска дејност од Друштвото на писателите на Македонија, Здружението на библиотекари на Македонија и други институции, но оваа и е посебно драга бидејќи доаѓа од културна институција од нејзиниот град.

    Мирјана Златановска, пак, е на крајот на својот работен век и вели дека е доста со обврските. Сака да има повеќе време за себе и за своите книги, а на нив посебно  ќе им се посвети откако кон крајот на мај ќе оди во пензија. 

    Признанието го добива на крајот од 39-годишниот стаж, но таа смета дека е пристигнато во вистинско време.

    „Сега е земено предвид целокупното мое залагање, труд и работа во институцијата. Дури бивша колешка ми кажа дека не била во право кога велела да не трчам и да не се трудам толку, затоа што „никој нема фала да ти каже“. Но, еве, ми кажаа и тоа дава некоја топлина и милост кога знаеш дека некој ја препознал посветеноста што си ја имал за работата“, потенцира Мирјана.

    Идеја за воспоставување на ова признание дошла од директорот на Центарот за култура Сашо Тодоровски.

    „Двете наградени ми се колешки по образование и многу добро соработував со нив. Ми излегуваа во пресрет уште додека студирав. И не само на мене, љубезноста и пресретливоста во барањата на членовите на библиотеката се препознаени од многумина. Затоа, првпат ним им оддадовме признание, а би сакал ова да стане традиција и секоја година на 25 април да се
    доделува на некој заслужен работник, автор или љубител на книгата“, изјави Тодоровски.

    Благодарниците беа врачени на промоцијата на книгата „Скротителка на змејовите“ на Дијана Петкова во фоајето на Центарот за култура.