Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пет физички лица и две фирми се добитници на највисокото општинско признание наградата „11 Ноември“, која по повод Денот на ослободување на Куманово ја доделува Советот на Општината.
Наградени се Витомир Митевски, член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Синиша Кашавелски, дипломиран ликовен уметник, Зоран Ѓеоргиевски, лекар специјалист по општа хирургија, Садри Акифи, просветен работник во пензија и Сашо Илиевски, дипломиран правник и професор по физичка култура, сите за афирмација на градот. Наградените ќе добијат дипломи и ќе ја поделат паричната награда од 100.000 денари.
Од правните субјекти наградени се ДПТУ „Кентаур импекс“ Скопје, подружница „Искра“ Куманово и Трговското друштво за вработување лица со попреченост „Алфи Би Компани“ Куманово.
На конкурсот пристигнале 34 пријави, а изборот го направи Комисијата за одбележување празници, манифестации и доделување награди и признанија на Советот на Општина Куманово. Претседател е советничката Невена Величковска од ВМРО-ДПМНЕ, која денеска ги соопшти имињата на наградените.
Наградите ќе бидат врачени на свечената седница на Советот на Општина Куманово на 11 ноември во салата на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.