Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Намален е бројот на емигранти од Авганистан, Пакистан и Сомалија, кои прекстојуваат во пограничните липковски села во обид илегално да ја поминат македонско-српската граница.
Жителите на пограничното село Лојане кажуваат дека многу поретко среќаваат странци низ селото за разлика од пред една година кога биле окупирани од нив.
Тие што се тука не се задржуваат многу, може ден - два да преспијат и да одат понатаму. До селото доаѓаат пешки. Србите ако ги сретнат на другата страна при преминување на граница ги враќаат назад. Ние не знаеме англиски, ниту арапски, тие не знаат албански и се разбираме со гестикулација. Имало групи од по двајца - тројца, а има и поголеми групи од десетина луѓе. Се случувало да ги однесат за Скопје и пак да се вратат назад истите. Цел им е да отидат во Европа, а со себе носат само документи и лични предмети основни - додава нашиот соговорник.
Селаните објаснуваат дека овие луѓе бегаат од војна и сиромаштија во нивните земји и преку Србија сакаат да отпатуваат во земјите од Европска Унија. Тие се надеваат дека ќе најдат работа и ќе си обезбедат подобар живот.
Никој не бега од убаво, сигурно имаат мака. Колку јас што гледам на вести има таму војна и бегаат за да се спасат. Повеќе се млади мажи, имаше порано и неколку жени сум видела. Јас лично не сум зборувала со нив, а соседите велат дека некои имаат пари за попат, некои немаат. Ние дома не сме примале мигранти, немаме место, имам шест деца. Некој ги прима за пари, некој затоа што верува во Бога и сака да им помогне, да направи добро - раскажува жена од Лојане.
Друг жител на истото село вели дека има затишје и според него мигранти нема бидејќи се плашат дека ќе ги фати полиција. Во Лојане неколку пати имаше полициски акции и беа фатени илегалци од Пакистан и Авганистан.