Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Наместо до 50 отсто, отсега процентот на искористеност на земјиштето за изградба на висококатници во Куманово ќе биде 30 отсто. Останатиот простор ќе се користи за зелени површини и паркинг.
Оваа одлука вчера ја донесе Советот на Општина Куманово, и според власта треба да го среди урбаниот хаос во градот, додека за опозицијата таа незаконско и тенденциозно решение кое ќе биде на штета на граѓаните.
Предлогот за изменување и дополнување на одлуката за спроведување и планирање на површини за градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централно градско подрачје во границата на градежен реон Куманово, градоначалникот Максим Димитриевски го бранеше со потребата конечно да се стави ред во урбаното планирање особено во делови на градот каде што досега на мали површини се граделе големи згради без соодветна подземна инфраструктура и паркинг места, а не се водела сметка ни за естетскиот и хуманиот аспект за живеење.
„Повеќе од 2 децении слушаме дека граѓаните не се задоволни од начинот на кој го уредуваме градот. Направив анализа на добар дел од урбанистичките палнови коишто се на сила во централно градско подрачје и лично сметам доколку се дозволи реализација на сите тие детални урбанистички планови, овој град никогаш повеќе во својата историја нема да добие лик на модерен, урбан и добро организиран град. Секој што поседува парцела во централното градско подрачје смета дека треба да си го валоризира својот капитал, да си изгради објект, без да води сметка на што ќе личи градот“, кажа Димитриевски.
Предлогот беше изгласан со 17 гласа за од коалицијата „За наше Куманово“, ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците и Беса. Опозицијата беше против оваа одлука, нарекувајќи ја противзаконска и селективна, наменета само за одредени инвеститори кои власта ги смета за политички противници.
„Со оваа одлука само ќе се создаваат нови проблеми, а најмногу на штета на граѓаните на Куманово,како идни корисници и купувачи на станови кои ќе треба да плаќаат трипати поголема цена на метар квадратен од сегашнава. Ваквата одлука ќе важи и за барањата кои се пуштени во ситемот на е-градежна дозвола, што е апсурд и најгрубо кршење на правото. Не може ретроактивно да делуваме и да донесуваме одлуки, кои предходно биле донесени и која се коси со Законот за урбанистичко планирање. Овде не е проблемот за намалување на површината и на катноста, сите сме за повеќе зеленило и паркинг места. Тие овде служат како параван за пресметка со некои инвеститори. Прашувам зошто оваа одлука не била порано применета со донесување на правилникот и зошто некои урбанистички планови во меѓувреме се донесени, а некои се кочат и се уште чекаат разрешница“, праша Александар Јовановски, советник од СДСМ.
Одлуката којашто сега се менува е донесена во 2017 година и опфатот на градба изнесувал 50 отсто, а двапати била надополнувана.
Предлагачот потребата од оваа одлука ја правдаше со усогласување на актите што ги носи општината со законските измени во законската регулатива. Во член 117 предвидено е дека оптималните вредности на процентот на изграденост за домување во слободно стоечки згради од П+8 и повеќе ката на парцели поголеми од 500 метри квадратни изнесува од 15 до 30 проценти.