„Срце“ – ново хуманитарно здружение во Старо Нагоричане
Ново хуманитарно здружение „Срце 2025“ е формирано во Старо Нагоричане, со цел да им помогне на социјално загрозени семејства во општината.

Претседател на здружението е Давор Арсиќ, кој ја реализира својата долгогодишна идеја да помогне на заедницата.
„Иако сме новоформирани, веќе спроведовме неколку хуманитарни акции. Поделивме над 37 пакети со прехранбени производи и средства за хигиена, дониравме машини за перење алишта, фрижидер и мебел за повеќе семејства од селата Никуљане, Татариновац, Кокино и Макреш. Последната акција беше обезбедување училишен прибор за сите првачиња во трите основни училишта во Старо Нагоричане, Младо Нагоричане и Драгоманце.Следната наша цел е да обезбедиме уште две машини за перење алишта за семејства од Младо Нагоричане и Драгоманце, како и еден фрижидер за социјално загрозено семејство“, информира Арсиќ.
Од здружението апелираат до хуманите граѓани, компаниите и институциите, кои се во можност да се вклучат со донации или производи да помогнат да се обезбеди потребната помош за најзагрозените семејства во општината Старо Нагоричане, кои не се во мал број.
Здружението неодамна потпиша и меморандум за соработка со хуманитарната организација Let’s Spread Love, со која реализирале заедничка донација во подрачните училишта во Никуљане, Пелинце, Бајловце и Алгуња, како и помош за повеќе семејства од ова подрачје.