Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Индивидуалните земјоделци од кумановско во иднина ќе ги продаваат своите производи на тезги во зелениот пазар, наместо на јавните површини околу зелениот пазар.
За оваа услуга тие ќе плаќаат дневна карта од 120 денари за тезга, која можат да ја делат неколкумина, и со тоа ќе ги имаат истите права како и другите закупувачи. Тоа се главно продавачи на овошје и зеленчук, јајца, шумски плодови, билки и други ситници.
Проблемот што овие луѓе досега не користеа тезги на пазарот е поради тоа што мораа да плаќаат месечна закупнина, а тие продаваат повремено и во мали количини, главно производи кои ги произведуваат во своите бавчи, или ги одгледуваат во домашните фарми. Нивното присуство надвор од пазарот создаваше метеж и постојано беа на удар на инспекциските служби.
Оваа одлука е донесена откако се одржа состанок во Општина Куманово со градоначалникот Максим Димитриевски, претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска, секретарот Александар Гелевски, Бобан Бојковски од инспекциските служби и директорот на „Пазаришта”, со претставници на пазарџиите.
„На средбата беше понудено решение прифатливо за сите страни. Индивидуалните земјоделски производители ќе бидат сместени на делот кај чешмите од Зелениот пазар и ќе плаќаат на дневна основа, со што граѓаните на Куманово ќе знаат каде можат да купат домашни производи. Се очекува да се надмине овој долгогодишен проблем преку расчистување на метежот пред пазарот, со што и производителите ќе имаат подобри услови за продажба. Важно е за сите продавачи на зелениот пазар да важат исти правила“, објавија од Општина Куманово.
![]()