×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Неда Арсениевска - студентка по психологија која го освојува светот на уметничката фотографија

    08.03.2025 11:15 | Оливера Пешевска

    Младата фотографка Неда Арсениевска (21) од Куманово е студентка по психологија, членка на Фото клубот „Куманово“, која  за пет години успеа да ги совлада тајните на фотографирањето и да се стекне со звањето мајстор на фотографијата.

    Неда Арсениевска - студентка по психологија која го освојува светот на уметничката фотографија

    Со својата посветеност и упорност, Неда годишно изработува повеќе од 100 фотографии со кои учествува на разни наградни конкурси, групни изложби и јавни повици. Нејзините дела се изложени на повеќе места, а таа активно учествува во организирање на фотографски работилници во Куманово и Скопје.

    „Јас сум меѓу четирите најизложувани авторки на национално ниво за 2024 година, заедно со колешки од Скопје и Прилеп. Ова е знак дека полека го наоѓам моето место во светот на уметничката фотографија, што за мене е особено значајно по трудот што го вложив“, вели Неда.

    Таа започнала да се занимава со фотографија уште во 2018 година, додека била ученичка во основното училиште „Кочо Рацин“. Следната година се приклучила на деветомесечен курс, на кој учела од своите колеги во клубот. Таа  вели дека во Фото клубот „Куманово“ има многу повеќе жени, што според неа, говори за тоа дека уметничкиот сензибилитет, емотивноста и женскиот светоглед се темели кои го поплочуваат патот кон успехот.

    „Жените се занимавале со фотографија и пред таа да стане популарна. Денес, на национално и глобално ниво, фотографките се борат за повисоки титули и мајсторски звања, и нивните дела се изложувани подеднакво како и делата на мажите“, додава Неда.

    Таа ја имала честа да ја отвори  годинешната изложба „Жените и фотографијата“, која е најзначајната изложба на Фото клубот „Куманово“.

    „Ова е нашето прво чедо, и многу ја сакаме. Изложбата започна како проект за обединување на фотографките на локално ниво и денес има национален карактер. Ова е проект од жените за жените, кој го реализираме без пауза веќе 12 години и ќе продолжиме и понатаму“, истакнува Арсениевска.

    Неда смета дека жената отсекогаш била важна тема во уметноста, како објект што заслужува внимание, а во многу случаи е и дел од уметничките дела. Жената е муза, модел и инспирација во фотографијата, но и уметник, чии дела имаат моќ да инспирираат. Таа нагласува дека суптилноста, чувствителноста и вроденото чувство за грижа на жената претставуваат голема предност во уметничката фотографија, која помага во создавање на ефекти кои оставаат траен впечаток.

    „Фотографијата е единствениот начин да се долови моментот, да се сочува спомен или да се раскаже приказна. Иако имам уште многу да учам, тоа не ме плаши – напротив, со нетрпение го очекувам следниот предизвик“, додава Неда, која истовремено ја сака и ја цени фотографијата како и уметноста.