Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Меѓуградскиот автобуски превоз во Куманово нема да поскапи и покрај тоа што повеќето претпријатија од другите градови извршиле корекција на цените.
Едно возење Куманово - Скопје останува 100 денари, а утврдените цени и на другите релации ќе останат исти. Кумановските авто-превозниците порачуваат дека патниците немаат потреба за загриженост.
Од Агенцијата за превоз на патници “Јоцо Турс“ велат дека цената на билетите за споменатата релација е корегирана лани, кога од 80 се покачи на 100 денари.
Ново покачување не е планирано. Гледаме да бидат цените во интерес на граѓаните, а за нас таа цена е донекаде исплатлива. Издаваме месечна карта која чини 3000 денари, но повеќето патници си плаќаат дневно. Можеби возниот ред не им одговара на учениците, студентите и вработените за да се обврзат да земат месечна карта. Цената е 100 денари, а меѓу приватните превозници можеби има некој кој нуди и за нијанса поефтина цена - велат од “Јоцо Турс“.
Оливер Стефановски сопственик на “Оли Травел“ вели дека за релација со должина од 39 км, оваа сума е нерентабилна. Тој посочува дека голем проблем се дивите превозници и заради нив зголемувањето на цената на билетите не може да се направи.
Дивиот превоз цвета и е во подем. Има таксисти кај болницата кои инвестирале 2000 евра во автомобил и работат без никакви други давачки. Пратени се многу дописи до Министерството за транспорт и врски. Многу малку луѓе тргнуваат од автобуска станица, од причина што кај бензинската пумпа има комбиња и тука се качуваат. Како опција се нуди месечна карта. Ако граѓанството бара во свој интерес, може да се направи да се издаваат и повртани карти, тоа не би било проблем - додава Стефановски.
Борис Трајковски од “Штуз“ исто така апелира инспекциите да си ја вршат работата. Вели дека во таков случај би можеле во ист термин од исто претпријатие да тргнуваат два или три полни автобуса. Трајковски објаснува дека кога инспекциите работат на терен, тој ден бројот на патници се зголемува седум пати. Според него, добро е што дел од превозниците имаат склучено договори за превоз на ученици и на тој начин се покриваат.