Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советничката група на СДСМ и коалицијата ја обвиниja локалната власт во Куманово дека е неспособна да го менаџира работењето на градскиот базен, и го затвора по втор пат за една година, со што прави директна штета на голем број на граѓани, спортисти, ученици и спортски клубови, кои не можат да ги користат услугите на овој објект.
Советникот на СДСМ Александар Јовановски, денеска на прес конференција потсети дека градоначалникот Максим Димитриевски во изборната кампања се фалеше дека има 4 милиони евра средства на сметка на општината, a со последниот ребаланс на буџетот 3,5 милиони евра се префрлени во 2022 година.
„Советничката група на СДСМ побара да се зголеми основачкиот влог на ЈП „Куманово-гас“ за дополнителни 8 милиони денари, се со цел 3 милиони денари да одат на сметка на ЈП „Чистота и зеленило“, за работата на затворениот градски базен, а 5 милиони денари за субвенционирање на граѓаните кои користат гас. Овој наш предлог не само што не беше прифатен туку буквално беше отфрлен. Во месец мај кога повторно беше отворен базенот, мнозинството во Советот предводено од „Наше Куманово“, ДПМНЕ, Левица и Алијанса гласаа за зголемување на цените на услугите на овој базен“, додаде Јовановски.
Тој праша зошто се гласало за зголемување на цените на услугите, ако базенот е повторно затворен, и дали нешто се презема да се намали потрошувачката на електрична енергија.
„Со затворањето на базенот освен што ќе ги остави децата, учениците и спортските клубови без пливачки активности сакаме и да алармираме дека постои и опасност од уништување на опремата“, кажа советникот.
Јовановски откри дека на следната седница на Совет, на дневен ред е измената во Програмата за субвенционирање на наставни, воннаставни и спортски активности по пливање за учениците од основните и средните училишта од Општина Куманово за 2022 година на која наместо предвидените 6 милони се предлагаат 8 милиони денари финансиски средства за ЈП „Чистота и Зеленило“ за да си ги покрие трошоците за електрична енергија.
„Ова во превод значи дека Општина Куманово преку оваа Програма ги плаќа сметките за електрична енергија односно го субвенционира работењето на овој базен. Затоа како одговорен субјект кој работи во интерес на граѓаните, СДСМ и советничката група на СДСМ и коалицијата – цениме и сметаме дека Општина Куманово има можност и понатаму да го субвенционира работењето на базенот, што е и од јавен интерес за Куманово и кумановци“, заврши Јовановски.