Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Над 30 нови објекти, од кои повеќето станбени згради и неколку индивидуални семејни куќи ќе се изградат на потегот од Митев мост до патот за селото Проевце во Куманово.
Според Деталниот урбанистички план (ДУП) тука ќе никне нова населба, предвидена за станување на поголем број на семејства.
„Немаме точна бројка за колку станови се работи, дозволите се издавани за П+3+поткровје или П+7+поткровје-зависно од површината инвеститорот си изведува поединечни станбени единици во колективните згради. По инсталација на водоводна и канализациска мрежа и останата неопходна инфраструктура ќе се направат и улиците во тој дел на градот“, објаснува Емилија Сларидис - Јаневска, раководителка на Секторот за урбанизам.
На посочената локација покрај булеварот Трета МУБ веќе се изградени првите згради. Дел од граѓаните реагираат дека и покрај тоа што има толкав простор, дел од зградите се до самата улица. Дури и градежната механизација за изградба на објектите ја користи улицата и го блокира сообраќајот.
„Секој урбанист копнее да добие празен простор за да направи нова населба. И наместо на просторот да се предвидат сите потребни содржини за хумано живеење, ние можеме да видиме дека првите згради се до самата улица. Има ли пропис колку зградите треба да бидат одалечени од улица?! Нели се најавуваше дека ќе се изградат пешачки и велосипедски патеки покрај булеварот, а од возила на новите станари ќе останеме и без троатоар. Ова во Југославија не можеше да се случи, се знаеше ред. Не знам кој ги дава идеите, има ли стручњаци да ги направат плановите во овој град или се е импровизација?! Овие што градат гледаат само профит, нив ништо друго не ги интересира, ама има ли некој да го заштити јавниот простор и интерес, за кој толку многу се зборува“, прашува револтирано Љ.А., која живее на ул. Вараждинска.
Надлежните во Општина Куманово велат дека тоа не е нивна вина, бидејќи така предвидува ДУП-от и тие мораат да издадат дозволи по него.
За оформување и урбанизација на овој дел од Куманово се уште се работи по Генералниот урбаниситички план донесен 2012 година, менуван и дополнуван во неколку наврати, по барање на инвеститорите. Детален урбанистички план не е донесен за целата локација, но предвидува изградба на детска градинка и дом за стари лица. На проектираната мапа нема исцртани паркови или детски игралишта, ниту било какви други содржини од веќе споменатите. Дел од парцелите се во приватна сопственост, дел се државен имот.
Кога ќе се дополнува или прави новиот ДУП за левата страна од Трета МУБ во креирање на содржините ќе може да учествува и месното население со свои замерки, предлози и идеи. Законска обврска е надлежните да ги објават ваквите планови за да можат да реагираат засегнатите пред конечно изгласување на ДУП-от.