Новата година со чекор поблиску до себе
Календарот не нè менува. Соочувањето со себе ја создава вистинската промена!
Крајот на годината носи специфична улога. Не затоа што календарот се менува. Симболичкото значење на таа промена го даваме ние самите. Во овие денови од годината често, и несвесно, правиме внатрешна ревизија: што постигнавме, што изгубивме, каде сме и кај сакаме да бидеме.
Новогодишната атмосфера има двојно лице. За некого таа значи надеж и возбуда, за друг тивка тага, чувство на неуспех или притисок да се биде среќен „по правило“. Психолошки гледано, тоа е сосема нормално. Во периодот кога општеството колективно слави, личната болка во таквите мигови може да се почувствува погласно и поизолирано. Така, сосем природно секој крај од годината го третираме како бегство, кој магично ќе нè „ослободи“ од се она што долго сме го оставале на страна. Но, новата година не доаѓа да нè спаси. Таа едноставно доаѓа да нè соочи со фактот дека времето незапирливо поминува.
На 1 јануари ние сме истите луѓе. Ги носиме истите мисли, истите стравови и истите навики. Првиот суштински чекор е прифаќањето дека квалитетот на животот не произлегува од надворешните околности, туку од степенот на саморегулација и самосвест. Тоа не е филозофска теза, туку клинички потврден факт.
Промената не се случува со текот на времето, туку со промена на нас самите: начинот на кој размислуваме, чувствуваме и реагираме. Во спротивно, дури и реализираните цели ретко носат трајно задоволство.
Од психолошка перспектива, одржливата промена не се гради на екстремни одлуки, туку на мали, повторливи постапки:
- една искрена одлука
- навремено поставен краен рок
- превземена акција иако не се чувствуваме подготвени
Еве неколку практични совети кои често ги предлагам и кои навистина функционираат. Ако ги применувате, до ова време следната година ќе се најдете на сосема друго место - вистински и целосно, со целото ваше внатрешно битие.
Прифаќањето е клучно. Прифаќањето не значи откажување од промена. Напротив, тоа е реалната почетна точка од која секоја вистинска трансформација може да почне. Без прифаќање, целите стануваат уште една форма на самокритика.
Секојдневно одвојувајте време за практични вежби кои го стабилизираат нервниот систем. Тоа е основа на секој процес на лична трансформација. Вежбите за дишење, оние кои нè поврзуваат со нашата свест и ја прекинуваат идентификацијата со улогите кои ги играме, без разлика дали сме ,,успешни” или “неуспешни”се едни од наједноставните и најефикасните алатки – тие директно влијаат врз автономниот нервен систем и ја намалуваат хронична психофизиолошка напнатост.
Овие вежби се достапни насекаде: на работилници, во книги, на индивидуални часови, во јога-практики каде што личниот развој е суштински дел, па дури и онлајн.
Следниот клучен елемент е способноста да се остане во состојба на внатрешна тишина, без постојан ментален шум. Медитацијата, односно практиката на свесно присуство, создава простор помеѓу стимулот и реакцијата. Можете да ја наречете како сакате - длабока релаксација, молитва или едноставно присуство. Токму во тој простор се раѓа можноста за свесен избор, а со тоа и вистинска промена.
Промената не може да се одржи без свесна рефлексија. Намерното размислување, поддржано со пишување, овозможува подобро разбирање на сопствените мотивации, пречки и автоматски обрасци. Кога мислите се изнесени на хартија, тие стануваат подложни на анализа и корекција.
Новата година не доаѓа да нè охрабри. Таа доаѓа да нè праша:
- Од што бегаш?
- Која навика те саботира, но ја браниш затоа што ти е позната?
- Кое е она нешто што го оставаш на страна со години?
Прашањата не се комплексни, но бараат искреност. Земете лист и пенкало и запишете ги прашањата. Важно е да се дозволи време меѓу прашањето и одговорот. Психолошките реакции ретко се појавуваат под притисок. Тие настануваат кога вниманието е стабилно, а телото во состојба на релативна смиреност.
Конечно, вистинската промена секогаш се манифестира преку однесувањето. Често тоа значи свесно да се направи чекор спротивен од автоматскиот импулс. Она што е познато не е нужно и здраво. Малите, но доследни промени го прекинуваат стариот образец и создаваат нови невронски патеки.
Новата година не мора да биде нов почеток. Понекогаш е доволно да биде продолжување но со многу повеќе свесност, со помалку строгост кон себе и со повеќе сочувство. Не мора сè да се затвори до 31 декември. Некои процеси немаат рок, и тоа не е слабост, туку човечност.
Ако нешто навистина вреди да го понесеме во новата година, тоа не се совршени планови, туку:
- дозвола да грешиме
- храброст да застанеме кога е потребно
- искреност кон себе
И можеби најважното, разбирање дека нашата вредност не се мери со годишни успеси, туку со тоа колку сме биле автентични додека сме се обидувале.
Нека новата година не биде бегство од старата, туку чекор поблиску до себе.
Овој текст не е празнична утеха, туку реална покана за одговорност. Доколку следната година сакате навистина да бидете „на друго место“, тоа место не е географско, ниту временско. Не чекај магија. Не чекај чудо. Запали ја искрата во себе, соочи се со вистината и дозволи си промена што доаѓа од твојата храброст. Тоа е поинаков однос кон себе.
Автор: Јелена Цветковска, м-р по психолошки науки