Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во просториите на месната заедница „Панче Пешев“ на улицата Ленинова, синоќа новото раководство го одржа првиот состанок со граѓаните и членовите на Советот на Општина Куманово.
Присутните ги поздрави претседателот Александар Трајковски и заменикот Бојан Петковски, кои се заблагодарија на поддршката и најавија посветена работа и соработка со граѓаните и локалната самоуправа, заради решавање на горливите инфраструктурни проблеми во најурбаната населба во градот.
„Нашиот фокус ќе биде ставен пред се на работата во интерес на граѓаните, на подобрување на квалитетот на живот во овој регион и на почетоцита за решавање на некои децениски проблеми како што се: проблемите со прекумерна загаденост на Октомвриска Револуција, нерешените прашања со отпадот и уредувањето, недостатокот на паркови, игралишта и зелени површини, пренаселеност на одредени точки од регионот, недоволно паркинг места во однос на изградените станбени објекти, постојано ширење на комерцијалните и угостителските објекти, кои го узурпираат приватниот простор на станбените згради“, изјави претседателот Трајковски.
Неговиот заменик Петковски нагласи дека новото раководство ќе дејствува исклучиво граѓански и затоа побара поддршка од сите политички партии.
“Ќе делуваме транспарентно и коректно за остварување на зацртаните цели како една општествена група. И сите барања, идеи и мислења ќе ги проследиме до надлежните органи, со кои се надеваме ќе имаме успешна соработка за реализација на заедничките планови за подобро Куманово“, кажа Петковски.
На состанокот присуствуваше претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска, координаторите на двете коалиции Елена Божиновски и Александар Јовановски, како и други советници. Сите беа едногласни и не го криеја задоволството што конечно почна да заживува граѓанското организирањето преку урбаните заедници, кое ветија дека ќе го поддржат.
Во дискусијата беше кажано дека во Развојната програма на Општина Куманово за оваа година нема предвидено ниту еден проект за м.з. Панче Пешев, исто како и минатата година.
За нови проекти граѓаните ќе мора да почекаат догодина, а за поситни работи како изградба на едно спортско игралиште ќе се одвојат средства со ребалансот на буџетот, додека за уредување на дворните места станарите и управителите можат да конкурираат сами.
Жители на „Панче Пешев“ секоја среда од 19 до 22 часот можат да ја посетат канцеларијата на месната заедница и да земат учество во изработка на планот за работа, да дадат допринос со свои идеи, барања или потреби за се она што е од интерес на заедницата.
Потребата од ново раководство во „Панче Пешев“ се наметна на крајот на минатото лето, кога Општината сакаше да ја прошири Б зоната, но наиде на отпор кај граѓаните. Тогашното нивно организирање беше оквалификувано како политички мотивирано.
Месната заедница „Панче Пешев“ се наоѓа на потегот помеѓу улиците „Октомвриска револуција“, „Ленинова“ и „Иво Лола Рибар“, и брои преку 10 илјади жители.
Во новата населба на „Октомвриска“ освен стамбени згради со деловни простории нема ниту еден јавен објект, градинка, основно училиште, амбуланта, спортски терени, паркови, уреден кеј, трговски центар...
Непланската градба и комерцијализација на секојa слободна јавна површина го уништи урбаното и хумано живеење на граѓаните во оваа населба.