Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Еден од полуподземните контејнери на раскрсницата меѓу улиците АВНОЈ и Лесковачка е исфрлен од своето лежиште од надoјдените води, по вчерашните обилни врнежи во Куманово.
Дупката е полна со вода, а веројатно контејнерот е испразнет и лесен па водата успеала да го подигне.
Жителите на околните згради и приватни куќи реагираа дека подигнатиот контејнер може да ја загади околината поради излевање на неговата содржина. Тие се прашуваат и дали контејнерот е добро поставен, ако така лесно испаѓа од лежиштето.
„Во текот на денешниот ден контејнерот ќе биде наместен. Вчера сите екипи, цело попладне беа на терен, на улиците во градот и се справуваа со последиците од обилните врнежи и невремето што го зафати Куманово“, изјави Даниел Стојчевски, директор на ЈП Чистота и Зеленило.
Ваквите полуподземни контејнери за собирање на смет започнаа да се поставуваат пред две години, имаат капацитет како 6 обични и многу поретко се празнат. Со нивно инсталирање надлежните уверуваа дека се многу похигиенски затоа што се на извесна длабочина па ветрот или животните не можат да го расфрлаат ѓубрето по улиците.
Денешното невреме докажа дека и ваквите контејнери не се имуни на надворешните влијанија.