Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), информира дека од 1 декември ќе се врати дневната евтина тарифа за струјата. Електродистрибуција има рок од четири месеци да ги усогласи сите 700 илјади броила за домаќинствата.
„Евтината дневна тарифа ќе им биде достапна на сите домаќинства од 1 декември во периодот од 13 часот до 15 часот. Водејќи се од принципот на заштита на потрошувачите, а согласно направените анализи кои укажуваат дека декември е месецот кога се зголемува потрошувачката на електрична енергија, ја задолживме Електродистрибуција во овој рок да ги усогласи сите броила. Четири месеци се доволни за да се направат сите технички усогласувања со системот за пресметка и фактурирање и соодветниот софтвер“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Бислимоски рече дека донесените цени по блокови за период на високи дневна тарифа се следни: прв блок намалување од 7,04 отсто, втор блок намалување од 4,09%, трет блок зголемување од 2,54% и четврт блок зголемување од 2,42%. РКЕ носи одлуки за цени и тарифи без ДДВ.
Евтината тарифа преку ден беше воведена во октомври 2017 година. Владата ја укина на 1 јануари 2022, кога имаше зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Ако останеше евтината тарифа граѓаните ќе требаше да плаќаат поскапа струја за 14,23 отсто.
Граѓаните и понатаму користат евтина струја само во текот на ноќта, од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден.