×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Од 50 до 70 пациенти дневно бараат помош поради стомачен вирус на Инфективното одделение во Куманово

    18.07.2024 12:47 | Оливера Пешевска

    Зголемен е број на пациенти со цревни заразни болести кои бараат помош на Инфективното одделение во Кумановската болница.

    Од 50 до 70 пациенти дневно бараат помош поради стомачен вирус на Инфективното одделение во Куманово

    Дневно се јавуваат 50 до 70 пациенти со симптоми на труење, вирусни или бактериолошки заболувања кои предизвикуваат мачнини, повраќање, дијареја, треска, а можна е и зголемена температура.

    Инфектолозите велат дека моменталната состојба е карактеристична за летниот период, особено за време на високи температури, па затоа нема место за паника.

    „Годинешниов опфат не е исклучок, секоја година се соочуваме со навалица на одделението со пациенти со гастроинтестинални инфекции за време на летните горештини. Настануваат најчесто поради нехигиенска манипулација со храна, може патогенот да е на рацете, приборот или во самата храна. И најмало невнимание може да резултира со последици“, објаснува д-р Сунчица Јосифова, началничка на Инфективното одделение.

    На заболените кои бараат помош во болницата се определува симптоматска терапија, односно антиеметик, антидиареици и пробиотоци. Секогаш се препишуваат и инфузии, против дехидрација на организмот, која е неминовна кај мачнина, повраќање и дијареја. Кај потешките случаи терапијата и физиолошкиот раствор се аплицира венски, додека полесните случаи, препаратите можат да ги земаат во домашни услови, односно орално.

    За самопомош при покажување на првите симптоми, лекарите препорачуваат граѓаните да се обидат да ги применуваат начелните правила.

    „Консумација на доста течности, најдобро вода, за да се надохнади изгубената течност. Диетески режим на исхрана со полесна храна, и тука се незаменливи природните пробиотици- јогурт и кисело млеко. Домашните супи се инфузии за организмот, овошје и зеленчук, кои ќе го нахранат пациентот, а нема да го оптоварат веќе надразнетиот дигестивен тракт се нашите препораки“, советува д-р Јосифова.

    Цревните инфекции најчесто поминуваат брзо, за ден- два, но последиците кои ги оставаат на организмот знаат да траат и по цела недела. Се додека се чувствуваат изнемоштени и малаксани пациентите треба почесто да одмораат, да се штедат за да си ја повратат силата.