Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од денеска се укина роамингот за телефонски разговори, СМС пораки и интернет меѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, со што се заокружува примената на Договорот од Вториот дигитален самит од 2019 година меѓу петте држави од Западен Балкан.
Првата фаза од спроведувањето на договорот почна во 2019 година, кога цената на роамингот беше намалена и за над 80 проценти, а од денеска стартува втората фаза и целосно укинување на роамингот.
Од Агенцијата за електронски комунукации (АЕК) велат дека се завршени сите чекори за разговори, пораки и пренос на податоци без тарифирање во роаминг.
Почнувајќи од денеска се предвидува напуштање на дополнителното тарифирање за роаминг услугите, односно се воведуваат цени за роаминг услуги исти како цените на електронските комуникациски услуги на домашниот пазар (Roaming Like At Home). Тоа значи дека корисниците на роаминг-услугите во земјава нема да доплаќаат повисоки цени од домашните тарифни модели за користење на роаминг-услугите кога ќе патуваат во останатите пет земји потписнички на Спогодбата, без разлика дали станува случај за користење на интернет, говор или СМС. Влезниот повик во роаминг ќе се третира исто како и влезниот повик во домашниот пазар односно без дополнителен надомест за корисникот.
Според Одлуката на АЕК, од денеска операторите на јавни мобилни комуникациски мрежи во државава за роаминг услуги не можат да применуваат дополнителни надоместоци на домашните малопродажни цени за обезбедување регулирани малопродажни услуги во роаминг. Oператорите може да применуваат политики за фер користење во однос на трошењето на регулираните малопродажни услуги во роаминг со еднакви цени на домашните малопродажни цени со цел да се заштитат од злоупотреби и невообичаена употреба на регулираните малопродажни услуги во роаминг, во согласност со Правилникот за фер користење и одржливост.
Државава има потпишано одделни меморандуми за намалување на цените на роаминг услугите и со Грција и со Бугарија, но тие не се стапени во сила.