Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од петок до 21 јануари кафулињата и рестораните ќе работат до 18 часот, одлучи Владата. Како што информираше премиерот Зоран Заев оваа мерка се воведува за да се избегне зголемување на бројот на заболени од ковид-19 во престојниот период на празници.
Исто така се препорачува да нема групирање во станови за престојните празници, а хотелите да ги затворат своите ресторани по 21 часот.
Забрането е групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година како и секаков вид собири во периодот на празниците. Се забранат секакви прослави во рамките на работните организации.
- Владата ја прифати препораката да се забрани организацијата и одржувањето на било каков тип на новогодишни прослави и прослави на верските празници, како и забрана за организирање на Нова Година на отворен и затворен простор во организација на сите физички и правни субјекти, вклучувајќи ги и јавните институции. Во оваа насока им се укажува на општините, како и на сите организации основани од локалната самоуправа, дека се забранува било какво групно собирање и организирање на прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници и доколку истите веќе имаат организирано, да се откажат, - велат од Владата.
Новите мерки опфаќаат и забрана за давање под наем на викендици и други туристички капацитети за сместување на територијата на Република Северна Македонија, за групно собирање и организирање на прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници, освен за давање под наем на лица од едно исто семејство.
За успешно спроведување на мерките Владата препорачува засилени контроли и инспекциски надзори од страна на полициските службеници и надлежните инспекторати за почитување и спроведување на мерките и препораките за заштита од ковид-19, во претстојниот период на новогодишни и верски прослави кои ќе започнат да се применуваат од 18 декември 2020 година до 20 јануари 2021 година.