Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Членови на Здружението на армиски и полициски ветерани и граѓани од Куманово денеска положија цвеќе на спомен обележјето на поранешниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, по повод 25 Мај - Ден на младоста и неговиот роденден.
Поттикнати од сеќавањата за прославување на некогашниот голем празник тие носе знамиња на СФРЈ, со ликовите на Тито и Јованка, а беа пуштани и песни кои се пееле во тоа време.
„Секоја година ние по повод роденденот на другарот Тито и Денот на младоста одаваме почит пред споменикот на плоштадот. Немаме друг споменик и се уште бараме тука да се постави и биста на Тито. За жал, денеска не ни се приклучија младите, а и не сме собрани во толку голем број поради празникот Спасовден“, изјави претседателот на Здружението, Драган Стојмановски, полковник во пензија.
Здружението на армиски и полициски ветерани постои од 2002 година и секоја година оддава почит на 4 и 25 мај. Продолжија со прослава и дружење во просториите на клубот „Христијан Тодоровски Карпош“.
По повод празникот на младоста, во некогашната држава секоја година на 25 Мај се одржуваше слет, по повод роденденот на Тито и му се врачуваше штафета, која предходно се носеше од младите во цела Југославија.