Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Светскиот ден на лицата со посебни потреби, денеска, беше одбележан во театарот Куманово.
Приредбата што се одржа по тој повод, е завршница на шестмесечниот проект на УНДП и општина Куманово за неоформално образование на лицата со посебни потреби. На настанот присуствуваа лицата со посебни потреби од “Порака наша“ и од Дневниот центар кај Чик, а гостин на прославата беше постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Лујза Винтон.
“Проектот беше инклузија на лица со посебни потреби во неформалното образование. Тоа се музичко воспитување, ликовно, а пред се физички активности на адаптација и ресоцијализација на овие личности. Имавме една плодна средба во локалната самоуправа, во која ги образложивме нашите визии и наидовме на широко разбирање на УНДП и на амбасадорот Луиза Винтон, во однос на понатамошните активности и проекти за продолжување на овој процес, пред се за лица кои го испуштиле образовниот процес над 18 години“ - кажа градоначалникот Зоран Дамјановски.
Винтон вели дека луѓето со посебни потреби треба да ги уживаат сите права во општеството, како и сите останати граѓани.
“Граѓаните често не ги сфаќаат луѓето со посебни потреби и велат, добро тие треба да бидат во институција. Моето видување и видувањето на Обединетите нации е дека луѓето со посебни потреби треба да ги уживаат сите права, правото на образование, семејство, работа. Оние што треба да се сменат не се луѓето со посебни потреби, туку општеството. Многу сум горда што можеме да направиме нешто„ - изјави Винтон.
Таа вели дека ќе продолжат да реализираат проекти во Куманово и на други места низ Македонија, ќе помогнат за отварање на бизниси, вработувања, ќе им помогнат на локалните самоуправи да ја направат поефикасна услугата кон граѓаните и друго.