Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, денеска се одбележа Светскиот ден на театарот со трибина на тема „Разговори за театарот“, на која учествуваа Гоце Ристовски, книжевен и театарски критичар и професор, драматургот Трајче Кацаров и Тодор Кузманов, книжевен и театарски критичар.
На манифестацијата присуствуваа актери од Кумановскиот театар, вработени во Центарот за култура и вљубеници во уметноста и граѓани.
„Театарот е најжива уметност од сите уметности. На него му е потребна комуникација со жива публика, тоа е неговата специфика и карактеристика. Театарот успева да преживее и покрај големиот наплив, силниот технолошки напредок на дигиталната технологија, но сосема е друго да се следат содржините на некој екран кои прекрасно можат да имитираат тоа што се случува во животот, но живиот контакт е тоа што останува. Театарот им е потребен на луѓето и на театарот му е потребна публика“, потенцира Ристовски.
Тој додаде дека секој театар треба да гради стратегиите со кои ќе ја привлече публиката.
„Ако не можете да ја доведете публиката кај вас тогаш ќе одите вие кај публиката- е единствениот начин за одржување во живот на ова уметност“, истакна во своето излагање Гоце Ристовски.
Дека театарот секогаш имал препреки на својот пат и никогаш не бил послан со рози, но секогаш истрајувал, потсети и драматургот Кацаров.
„Театарската стварност тешко може да се победи и растури и токму поради таа стварност јас мислам дека ќе опстои додека човекот има потреба да биде некој друг. Театарот е имитација на стварноста, тој настанала кога човекот рекол дека може да направи нешто повеќе од она што само по себе природата и социјалниот живот му го нуди. Театарот е на некој начин отпор, со кој човекот сака да каже дека има паралелен живот, паралелен свет и нешто кое ќе зависи не од природата, не надвор од него туку од она што човекот го има во себе и како потенцијал творечки и како демократија“, кажа Кацаров.
Беа прочитани и пораките по повод Денот на театарот 27 март, од македонско-албанската актерка Теута Ајдини – авторка на националната порака, и египетската актерка Самиха Ајуб – авторка на светската порака. Пораките ќе ги прочитаат актерите од Театар Куманово Владанка Крстевски, Никица Јанковски и Жарко Јовановиќ.