Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во касарната „Боро Менков“ денеска беше организирана воена свеченост по повод 18-август -Денот на формирањето на Армијата на Република Македонија.
На денешен ден во 1943 година на падините на Славеј планина е создадена првата организирана формација на македонската војска, кога е формиран баталјонот “Мирче Ацев“. По осамостојувањето на земјата на 8 септември 1991 година, и повлекувањето на ЈНА, Македонија формираше армија со сопствени сили и капацитети. Камандантот на кумановскиот гарнизон, потполковник Али Хајро потенцираше дека АРМ бележи успеси со учеството во мировните мисии и придонесува за зачувување на мирот на глобално ниво.
Респектабилен број на припадници на АРМ учествуваа и учествуваат на меѓународни воени вежби надвор од територијата на Република Македонија, рамо до рамо со припадниците на армиите на земјите членки на НАТО. Со досегашното посветено и одговорно учество на преку 3000 свои припадници, во мировните мисии во Авганистан, Ирак, БИХ и Либан, припадниците на АРМ докажаа дека претставуваме фактор на кој можат да сметаат нашите партнери. Во текот на изминатата година успешно го завршивме ангажманот во мировната мисија ИСАФ за што припадниците на АРМ од страна на највисоките домашни и голем број авторитети од земјите членки на НАТО алијансата им се оддаде признание - кажа Хајро.
На прославата со едноминутно молчење им се оддаде почит на загинатите борци и припадници на АРМ, беа прочитани стимулативни мерки и унапредувања на вработени во АРМ, и беше изложена опремата со која располага кумановскиот гарнизон.
На свеченоста присуствуваа советници, претставници на локални самоуправи, Црвен Крст, борци и други.