Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Куманово од вчера тече бесплатната вакцинација против сезонски грип. Интересот за имунизација е голем и се врши на два пункта на просториите на ЦЈЗ.
„Дневно се вакцинираат по околу 140 луѓе, а работното време на пунктовите е од 8 до 14 часот секој работен ден. Вакцините се бесплатни за граѓаните постари од 65 год, лицата со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години. За т.н. комерцијални вакцини нема потреба од претходно закажување, секој заинтересиран може да си дојде и да ја прими вакцината која се наплаќа 800 дененари. Ова важи за сите кои не спаѓаат во категоријата на загрозени граѓани“, вели д-р Јадранка Стaменковска, епидемиолог.
Пријавувањето за бесплатната вакцина се врши преку сајтот на Министерството за здравство, на страницата вакцинација.мк што преставува мал проблем за постарите сограѓани кои не се снаоѓаат добро со интернетот и компјутерите. Со помош на помладите роднини, комшии или пријатели сепак успеваат да добијат термин за вакцинација. Термините се добиваат преку СМС пораки на мобилните телефони, а се закажуваат на 5 минутни интервали.
„Затоа се замолуваат граѓаните да го почитуваат својот термин, да си доаѓаат навреме за да не се создаваат турканици и поголеми собирања во затворен простор. Сепак се надеваат дека ковид кризата имаше и позитивен ефект, за да се почитува редот и дисциплинирано да се придржуваат граѓаните до пропишаните протоколи во здравствените установи“, велат лекарите.