Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово поднела четири проекти до Министерството за животна средина и просторно планирање, за подобрување на водоводната инфраструктура, во рамките на заемот од Европската инвестициона банка, кој ќе се отплаќа од државниот буџет.
Како што информираат општинските служби за сите проекти изготвена е комплетна документација, но не се знае дали средствата во висина од 1,8 милиони денари, кои ги обезбедува државата, ќе бидат доволни да се реализираат во целост.
„Во план се интервенции на фекалната канализација на улицата Доне Божинов, инвестиции во т.н. Гладно Поље, а дел од средствата се наменети за филтер станицата и замена на старите водомери во дел од домаќинствата со современи и дигитални кои имаат многу мала загуба на вода“, изјави Горан Митевски, раководител на Секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции, стратешко планирање креирање политики, следење и ЛЕР.
За изградба на атмосферска канализација на ул. Доне Божинов е предвидена интервенција од Бензинската станица кај хотелот Сателит до реката Коњарка, во должина од 1, 3 км.
Во Гладно поле предвидена е изградба на фекална канализација на дел од улиците 723, 728,729 и 703, со што ќе се реши секундарната мрежа и ќе се приклучи кон постојниот колектор. Должината на секундарната мрежа на непокриените улици со фекална канализација изнесува 1, 2 км.
Средства се наменети и за набавка, транспорт, вградување и пуштање во употреба на водна линија и хидрорегулациона и електро опрема за реконструкција и одржување на процесот на производство и дистрибуција на вода за пиење на Филтер станицата на ЈП Водовод од Куманово, што е од значење за водоснабдување на целиот град. .
Последниот, четврти проект подразбира надградба и замена на стари куќни водомери со нови вертикални и хоризонтални мулти-млазни водомери, како и замена на старите водомери со нови хоризонтални ултразвучни водомери. Новите водомери овозможуваат интеграција во системот за далечинско читање на потрошувачката на ЈП Водовод – Куманово.
За временската рамка на имплементација на овие проекти локалната администарција не можеше да даде одговор, бидејќи МЖСПП е надлежно за нивно спроведување за што е формиран и проектен тим. Не добивме ниту конкретни бројки за тоа колку секој проект поединечно би чинел.
За споменатите проекти општинските служби имале подготвена проектна документација и бргу се спровел процесот на апликација, а сега се очекува одговор од надлежната комисија која одлучува за сите поднесени предлог-проекти. За реализација на планираните проекти, пак, ќе биде потребено кофинансирање од Општина Куманово од сопствениот буџет, во висина од околу 100 илјади евра.
„Како општина добивме најмногу средства во државата за изградба на нова водоводна мрежа. Преку Министерството за животна средина обезбедени се 1.833.804,00 евра за водоводна мрежа за жителите на Куманово, објави пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски.
Mинистерката за животна средина и просторно плaнирање, Каја Шукова, информираше дека Mинистерството со секоја општина ќе склучи договор за донација, а средствата ќе се распределуваат по утврдена методологија за реализација на приоритетни инвестиции за водоснабдителни и канализациски системи, пречистителни станици и опрема. Според министерката Шукова, оваа распределба е развојна.
Во изминатите повеќе од 20 години во Куманово се сменети штетните азбестни цевки во поголем дел од домаќинствата, изградена е пречестителна станица и колекторски систем, заменети се протокомерите. Сите инвестиции се финансирани од европски фондови и земји донатори. Досега во водоводната инфраструктура се вложени преку 35 милиони евра, а само мал дел се заеми кои Општина Куманово имала обврска да ги враќа.