Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово ќе постави камери на повеќе локации во градот, за поефикасно да се справи со дивеењето и кршењето на урбаната опрема во градот.
За таа намена ќе бидат издвоени 2 милиони денари од буџетот. Околу 1 милион и 200 илјади денари ќе бидат наменети за поставување на видео надзор на локалитетот „Спомен Костурница“, а останатите 800 илјади денари ќе бидат употребени за набавка на иста опрема, во делови од градот кои дополнително ќе бидат утврдени од Општината.
„Овие два милиони денари кои беа намалени во Општина Куманово од зимското одржување, се ставаат во програма за купување на друга опрема. Инаку овие пари ќе се искористат за купување на опрема за видео надзор“, рече раководителката на Секторот за финансии при Општина Куманово, Ирена Илиевска, презентирајќи го предлог буџетот за 2021 година.
Проблемот со вандализмот во Куманово се провлекува со години, а граѓаните ваква мерка за спречување на уништувањето на урбаната опрема ја потенцираат постојано. Во последниот месец од годинава, мета на вандализмот во Куманово беше излетничкото место „Студена вода“, каде урбаната опрема неколкупати беше уништувана уште при самото поставување.
(Ф.М.)