Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово во текот на годината ќе вработи 33 нови службеници во локалната администрација. Оваа одлука беше донесена на денешната седница на Советот, по жестоката расправа за измените и дополнувањата за годишниот план за вработување во 2021 година Општина Куманово.
Овој план е донесен во декември минатата година но, сега Општината предвидела негово дополнување поради зголемен обем на работа. Опозицијата се спротивстави затоа што смета дека се работи за предизборни вработувања.
„По два месеци излегувате и велите дека е зголемен обемот на работа и треба да се направат дополнители вработувања. Јавно прашувам во што се зголеми толку работата на администрацијата. Ќе гласам против затоа што сметам дека во Општината и онака има превработеност. За 10 години двојно се зголеми бројот на вработени, а потребите на граѓаните и услугите се исти“,- кажа советникот Драган Петковски.
Советничката Невена Величковска, праша дали овие вработувања се неопходни со оглед на тоа дека се наоѓаме во време на пандемија и трпиме економски последици, а државната администрација работи од дома и ротира на работните места, додека нејзиниот колега Сашо Стошевски пресметал дека според наведените плати за 12 месеци од општинската каса ќе се одлеат 200.000 евра.
„Во Општината во моментот има 245 вработени со редовен работен однос, 25 со привремено вработување и со овие 33 нови, Општината ќе брои 303 вработени. За информација во 2011 година имаше 140 вработени и општината функционираше нормално, и сите тековни обврски се извршуваа. Повеќе од 50 проценти од буџетот се троши за плати и надоместоци, сега со новите вработени уште повеќе ќе се зголеми расходот, а ќе се намалат средствата за инфраструктурни проблеми. Според она што е дадено во палнот за овие вработувања ќе се трошат 6.170.000 денари за шест месеци“, - изјави Стошевски.
Вработувањата или унапредувањата ќе има за местата: помошен раководител на Секторот за поддршка на градоначалник и Советот на Општината - информирање и односи со јавност и информатичка технологија, референт за упатување на граѓани и странки, лектор, помлад соработник за општински недвижен имот, помлад референт за стручно-административни работи, курир, работник на пријавница, виш соработник за утврдување на данок на имот, наследство и подарок, советник за контрола на проценка на недвижен имот, самостоен референ даночен сметководител, помлад соработник урбанистички планер, помлад соработник за документација за градба во рурална средина, советник за уредување на градежно земјиштое, помлад соработник за линиски превоз, советник за заштите и спречување на загадување на вода, земјиште и природата, раководител на сектор за образование, виш соработник за развој на основно и средно образобвание, советник - инспектор за заштита на животна средина, помлад инспектор за заштита на животна средина, виш соработник за меѓуопштинска и меѓугранична соработка, советник за планирање на локален економски развој, 6 пожарникари, самостоен референт за данок на имот, самостоен даночен иснпкор, помлад соработник за поддршка за предучилишно образование, помлад референт за стручно-административна работа и самостоен референт за административно-технички работи.
Секретарот на Општината Александар Гелевски, објасни дека пограмата што била донесена во декември се однесувала за времени вработувања, а сега станува збор за постојани вработувања во општинската администација. Планот покрај нови вработувања и пензионирања, содржи и унапредување и прераспределување на веќе вработени лица од еден од друг сектор.
Советниците Албанци во Советот на Општина Куманово денеска ја напуштија седницата, затоа што имале сознанија дека во Противпожарната територијалната единица во Куманово ќе се вработи брат на лице со судска пресуда.
(С.Н.)