Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово преку проектот „Инклузивна училница“ ќе ангажира образовни и лични асистенти за работа со ученици со попреченост во средните училишта „Перо Наков“, „Киро Бурназ“ и „Наце Буѓони“, во паралелки на македонски и на албански јазик.
Проектот предвидива ангажирање на 13 образовни и двајца лични асистенти.
„Образовниот асистент ќе има задача за пружање на секојдневна помош и поддршка на ученикот при совладување на наставната содржина во координација со класниот раководител, предметните професори, стручната служба, како и семејството на корисникот, мотивирање на ученикот за учење и социјализација, преку најразлични креативни методи и техники, мотивирање за вклучување во воннаставни активности. За личен асистент предвидените обврски вклучуваат - индивидуална помош и поддршка при движење во просторот на училиштето, помош и поддршка при патување до и од образовната установа, помош при задоволување на лични потреби и помош и поддршка при социјализација“, стои во јавниот повик.
Лицата кои ќе бидат вклучени во програмата ќе работат со скратено работно време од 20 работни часа неделно, во времетраење од 9 месеци за надомест од 13.750 денари бруто износ за времетраењето на обуката и работното ангажирање. Право на учество имаат сите невработени лица, а предност оние кои за прв пат се јавуваат за учество во програмата.
За сите подетални информации заинтересираните можат да се обратат во Општина Куманово, Центарот за вработување Куманово и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.