Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од вкупно 330.000 евра кои биле предвидени за финансирање на невладините организации во Куманово за 2022 година, 300 илјади евра легнале на сметките на спортските клубови, додека 30.000 евра заедно добиле здруженијата „Порака наша“ и „Инклузива“
Средства во висина од 20 милиони денари или 330 илјади евра исплатила Општина Куманово во 2022 година на три невладини организации. Најголем дел дури 18 милиони денари на Општинскиот сојуз на спортови за финсирање на спортски клубови, а останатите два милиони на две здруженија од сферата на социјалната заштита „Порака наша“ и „Инклузива“, покажал извештајот на Центарот за граѓански комуникации-ЦГК.
„Длабинското истражување открива дека над 90% од парите од буџетската ставка 463, наречена Трансфери до невладини организации, се доделени на спортски клубови. Миленици на локалните власти се професионалните спортски клубови, кои во одредени општини добивале и по 1 милион евра годишно. Со тоа што поддршката на здруженијата на граѓани и на спортските клубови се врши од иста буџетска ставка се создава искривена слика дека поддршката на здруженијата на граѓани на локално ниво е поголема од реалното“, се нагласува во извештајот. Со анализата се опфатени осум општини: Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Струмица, Тетово,Чаир и Штип.
Конкретно за Куманово се наведува дека најмногу пари се исплатени на КК "Куманово 2009" 5 милиони денари, ЖРК Куманово 1.5 милиони денари, а за поддршка со превоз и сместување, одржување на спортски терени 1.4 милиони денари, додека за другите две здруженија кои се областа на социјалната заштита „Порака наша“ добила 1,2 милиони денари, а Инклузива 800 илјади денари. Тие високо котираат на табелата на исплатени средства во државата и се на првите три места.
Центарот во своето истражување нагласува дека недостасува транспарентност за распределба на парите-финасиите наменети за спорт и рекреативни активности кои се преку Сојузот на спортови, а за граѓанските здруженија извештатите од работењето не се јавно објавени.
Во програмата за тековната 2023 година средствата наменети за трансфер до невладини организации се намалени за 500 илјади денари, но во социјалниот дел бележат зголемување од 50 насто. Годинава беа поделени 3 милиони денари на пет невладини организации од Куманово. Од распределбата годинава целосно е исклучен КК Куманово 2009.
Истражувањето се фокусираше врз расходите од буџетската линија 463 – „Трансфери до невладини организации“ и не ги вклучува исплатите на општините кон НВО кои се направени врз основа на склучени договори за соработка како резултат на пренесени надлежности на општината.Буџетска линија 463, ги опфаќа трансферите до здруженија на граѓани и фондации, спортски клубови, Македонскиот олимписки комитет, организации кои се грижат за постари лица и хендикепирани лица, месни заедници, хуманитарни организации, политички партии и останати трансфери до невладини организации.