Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По добиена судска пресуда по тужба на приватно лице Општината треба да исплати 1,5 милиони евра, поради што ќе остане со блокирана сметка и нема да може нормално да функционира.
Сметката на Општината Куманово наскоро ќе биде блокирана, бидејќи треба да исплати 1,5 милион евра на приватно лице врз основа на судска пресуда во спор за експропирација на земјиште.
Сопственикот на парцелата во населбата Гоце Делчев, 3 децении водел судски спор против државата, а деновиве стигнало извршно решение на адреса на Општината Куманово. Спорната парцела е со површина од 15.000 метри квадратни метри, а на неа требало да се изгради училиште во 1980 година. Тогаш земјиштето било одземено и запишано во имотниот лист како државно, но предвидениот објект никогаш не се изградил. Во 1986 година бившите сопственици започнале судска постапка за надомест на штета и во изминатите 25 години биле донесени повеќе пресуди против Министерството за образование и до локалната самоуправа. Со последната од Апелациониот суд само Општината Куманово треба да ја исплати штетата.
Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски смета дека пресудата е политички мотивирана и донесена пред локалните избори за да ја стопира реализацијата на програмските активности и нормалното функционирање на локалната самоуправа.
Зошто по 25 години судски процес сега е донесена одлуката. Во неколку наврати беше тужена Република Македонија односно Министерството за образование, а сега се оптеретува само Општина Куманово? По кој член од Законот за локална самоуправа, кога имотните листови за ова место се водат на Република Македонија, односно СИЗ “Пасишта“? Пред неколку години Министерството за образование доби извршна пресуда од 24 милиони денари, а по обжалување и ревизија сега има пресуда од 90 милиони денари- изјави Дамјановски.
Градоначалникот ги повика правните институции во државата и Антикорупциската комисија да го испитаат случајот, бидејќи смета дека e потежок од легендарното “Бачило“.
Ова е два пати поголем случај од Бачило, а во уште еден случај за една недела од истата судијка и адвокатскиот тим има уште една пресуда од 700 000 евра. Така ли треба да ги трошиме парите на граѓаните и да ги задоволуваме политичките потреби на нивните активисти, бидејќи оние што се тужители се видни членови од партијата на власт. Пред пет години на истото семејство локалната самоуправа му исплати 280.000 евра за да се изгради улицата Мирче Ацев- додава Дамјановски.
Од Основниот суд Куманово информираат дека станува збор за 67 а не за 90 милиони денари, кои биле утврдени со судско вештачење. Парцелата била заведена на име Република Македонија, но краен корисник е Општината и таа требала да си го плати надоместокот. Од таму посочуваат дека токму сега е донесена пресудата, бидејќи Врховниот суд минатата година донел решение со кое се утврдува повреда на правото на судење во разумен рок за оштетената страна.