Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово да обезбеди средства со кои ќе се помогне работата на затворениот базен и домаќинствата коишто се грејат на гас, побара советничката група на коалицијата на СДСМ на последната седница на Советот на Општина Куманово.
Советникот Александар Јовановски, смета дека субвенционирањето е неопходно, бидејќи со покривањето на разликата во цената на гасот за базенот и за домаќинствата, ќе се помогне и во двата случаи да се надминат проблемите кои ги предизвикува енергетската криза.
„Бараме да се зголеми оснивачниот влог на ЈП „Куманово-гас“ за дополнителни 8 милиони денари, се со цел 3 милиони денари да одат на сметка на ЈП „Чистота и зеленило“, за работата на затворениот градски базен, а 5 милиони денари за субвенционирање на граѓаните кои користат гас. Граѓаните кои што се откажуваат од користење на гас преминуваат на користење на тврди горива, а со тоа само ќе се зголеми загадувањето, а знаеме дека Куманово е еден од најзагадените градови во државата“, кажа Јовановски, кој додаде дека владејачката коалиција направила голема грешка со затворањето на базенот.
Тој предлогот го поткрепи со тоа што Општината има пари, бидејќи трансферирала 3,5 милиони евра од минатата година, па редно е да им помогне на граѓаните во услови на криза.
Предходно, Советот донесе одлука за зголемување на основната главнина за 12 милиони денари на „Куманово-гас“ за изградба на инфраструктурни објекти, но средствата ќе се користат за надминување на енергетската криза, при набавката на гасот кој поскапе за 200 отсто.
Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Даниел Стојчевски, смета дека не е најголем проблем во градот работењето на затворениот базен, бидејќи од 1 февруари ќе започне второто полугодие од учебната година и ќе треба училиштата да се затоплуваат, а доколку ЈП „Водовод“ не обезбеди средства за струја може да се доведе во прашање и водонабдувањето на градот.
„Мислам дека има поприоритетни прашања и предлогот за затворениот базен го сметам за популизам. Најдобро општината да не се изложува на дополнителни трошоци, базенот да биде времено затворен додека трае кризата или додека отопли времето, а потоа да отпочне да работи. Оваа услуга ја користат од 200 до 500 деца“, се бранеше Стојчевски, кој додаде дека и досега базенот работел со загуби, како и во сите други државата и пошироко, па неговото работење се покривало од општинскиот буџет преку програмата за училишен спорт.
И советничката група на ДУИ застана зад предлогот на СДСМ за субвенционирање на затворениот базен и истакна дека е недопустиво да се дозволи да се затвори спортскиот објект, а децата да немаат можност да се занимаваат со спорт.
Против овој предлог, од власта се изјасни само советникот на Беса, додека другите советници не се вклучија во дискусијата.
Предлог-заклучокот на коалицијата на СДСМ да се субвенционира работењето на затворениот базен, беше отфрлен со 19 гласа против од мнозинството во Советот, кое го сочинуваат советниците на „За наше Куманово“, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Левица и Беса, а доби поддршка од опозицијата со 13 гласа.
Градскиот базен е затворен на почетокот на неделата, поради зголемета цена на природниот гас и електрична нергија, па месечната сметка се зголемила од 15 на 50 илјади евра.
И додека Општината смета дека не е неопходно да им се помогне на граѓаните кои ја полнат градската каса, кумановските јавни претпријатија побараа мерки и поддршка од државата за надминување на енергетската криза.