Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово ќе одвои 400 илјади денари за уредување на дворните површини околу стамбените згради. На јавниот повик можат да се пријават правни субјекти - управители или заедница на станари кои „водат ред“ од заедничките површини во колективните домови.
Доделената сума не може да биде поголема од 80 илјади денари за едно барање, и се субвенционира 80% од целокупната инвестиција, доколку се исполнат условите на јавниот повик. Повикот ќе биде отворен до исцрпување на средствата предвидени за таа намена, но не подоцна од 30 ноември во тековната година.
Заинтересираните треба да достават елаборат за партерно и хортикултурно уредување на дворното место (предмер и пресметка), доказ за сопственост - имотен лист за објектот и согласност од мнозинството сопственици.
За доставените барања ќе одлучува комисија, назначена од градоначалникот. Сумите ќе се исплаќаат сукцесивно, запазувајќи го редот по кој се доставени пријавите. Јавноста ќе биде известувана периодично до исцрпување на средствата одделени од локалниот буџет за 2023 година.
Не можат да поднесуваат барање правните субјекти кои имаат искористена субвенција за истата намена од било кој извор во Македонија.
Подетални информации за распишаниот Јавен повик можат да се најдат на официјалниот сајт на Општина Куманово.