Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово во соработка со АРМ, Здружението на армиски и полициски ветарани (ЗАПВАРС), ЈП „Чистота и зеленило“ и ТППЕ Куманово, започна акција за пошумување на јавните површини во градот. За таа цел набавени се 3000 висококвалитени садници кои ќе бидат засадени на повеќе локации.
Акцијата започна денеска од Спомен Костурницата каде е планирано да се засадат над 1000 високо квалитетни листопадни садници.
„Дополнително 2000 садници ќе бидат засадени на други локации. Една од предвидените е околу Градските гробишта, а локации можат да бидат и на предлог на граѓаните. Сите заинтересирани граѓани можат да контактираат со одговорните во „Чистота и зеленило“. Воедно да ги информирам граѓаните ако сакаат да се вклучат во вакви акции можат да подигнат и засадат садници за пошумување на јавни, прометни површини и државно земјиште“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.
Веќе од наредната недела пошумувањето ќе продолжи на исчистената една дива депонија во селото Долно Којнаре.
„Ова мерка и овие акции што ги преземаме се дел од планот за долгорочно справување со аеро загадување и заштита на животната средина. Засадуваме високо квалитетни садници, онаму каде имаме можност за полевање но и заштита на самите нив, зашто често сме сведоци на нивно оштетување од страна на несовесни граќани.Но, имаме и зимзелени дрва“, потенцираше Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.
Во акцијата се вклучија и членови на Советот на Општина Куманово, кои ја поддржуваат акцијата и повика што поголем број на граѓани да се вклучат во пошумување.
„Ќе бидеме во контакт и со месни заеници, здруженијата на станари или група на граѓани, кои би сакале да си разубават некое свое катче да се обратат до Советот. Заедно со јавното претпријатие ќе набавиме садници со што би го оплемениле градот“, изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Советот на Општина Куманово.
Сите учесници во акцијата апелираа до граѓаните да не ги уништуваат садниците, како што досега тоа се случувало на многу места.
Од општината најавија дека во рамките на своите капацитети, јавните претпријатија ќе продолжат со ваквите акции и во ноември, а секако и во декември, доколку временските услови го дозволат тоа.
Во изминатиот период на Градскиот Кеј, Студена Вода и во централното градско подрачје биле засадени над 2500 дрвца велат од Општината.