Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово ќе додели 1.200.000 денари за функционирање на Дневниот центар и уште 300.000 денари за реализирање на проекти на Здружението на лица со интелектуална попреченост „Порака наша“.
Ова денеска го најави градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски при посета на „Порака наша“. Со ова продолжува партнерството помеѓу локалната самоуправа и „Порака наша“, здружение кое сега има ново раководство.
Ќе правиме понатаму и нови проекти во однос на проширување на условите за работа за Дневниот центар „Порака наша“. Ова е прв центар за лица со пречки во развојот над 18 години, кој е формиран во Република Македонија. Со нов елан и нови потенцијали мислам дека Дневниот центар ќе се развива во позитивна насока. Ние стоиме како поддржувачи на сите проекти кои се наменети за лица со пречки во развој, особено овој проект кој е трети по ред со УНДП за едукација - рече Дамјановски.
Преку проектот на УНДП се организираат музички, драмски и спортски активности за откривање на афинитетите на оваа категорија на луѓе. Опфатени се педесетина корисници од “Порака наша“ и од Дневниот центар кај Чик.
Развојот на нивните способности во голема мера зависи од ставот кој ние го имаме кон нив. Ако работите ги делиме на работи кои можат сами да ги завршат и работи кои можат да ги завршат со поддршка од друго компетентно лице, тогаш сме го направиле најпотребното, сме дале најголема поддршка и помош на оваа категорија на лица. Сето она што до тој момент било „не знам“, станува „знам, ако“-вели Фросина Трајковска, одговорна за проектот.
Претседателот на “Порака наша“, Милован Видановиќ вели дека опстојуваат и работат со помош на општината и спонзорите.
Има добри луѓе кои ни помагаат. На 23 август ќе склучи брак еден пар, и дојдоа кај нас ни понудија место цвеќе на свадба сите гости да донираат во кутија за “Порака наша“. Навистина многу убаво и многу хумано од нивна страна - кажа Видановиќ.
Дневниот центар “Порака наша“ има дваесетина корисници, и се разгледуваат опции за негово просторно проширување.