Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општините во североисточниот регион не се доволно транспарентни како ги трошат парите од буџетот, покажало истражувањето на Коалицијата за буџетски мониторинг.
Поголемиот дел од општините на своите веб сајтови не ги објавуваат приходите, по кој основ се стекнати, каде се потрошени, нема завршна сметка од буџетот, за да се има увид каде се трошат парите на граѓаните. Помалите општини, пак, немаат капацитет ни кадар кој ќе ги ажурира овие информации на веб страниците.
“Општините претежно објавуваат она што мораат, а тоа е буџетот. Завршните сметки ги објавува само Куманово, а другите поретко. Граѓански буџет скоро никој не прави, но таа слика е генерално во цела Македонија. Граѓанскиот буџет е на 50 страници, но граѓаните им се објаснува на 2-3 страници за тоа каде парите се потрошени. Колку пари отишле за плати, инвестиции, колку собрале од даноци, колку приходи од комуналии и да се презентира во една публикација. Тоа би било еден чекор напред за секоја општина“ - кажа Слаѓан Пенев, менаџер во Коалиција за буџетски мониторинг.
Буџетскиот мониторинг на општините се спроведува веќе пет месеци. Од Коалицијата за буџетски мониторинг се надеваат дека во 2015 година општините ќе бидат потранспарентни.
“Се надевам дека самите општини ќе смогнат сили и можности да бидат потранспарентни кон граѓаните. Не е целта ние да се наметнеме на сите шест општини во регионот, но добрите практики кои некои општини ги имаат ќе треба и другите да ги применуваат. Сите граѓани ќе може да имаат увид, буџетот да биде отворен, да може тие да го разберат. Да можат граѓаните и невладините да учествуваат во креирање на буџетот, да се наметнат со своите наоди и потреби“ - вели Ахмет Јашаровски од ДРОМ.
Транспарентноста на нашите општини е далеку од европските и светски стандарди, беше кажано на денешната презентација.