×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Општинските инспектори бараат независност во работењето, без притисок од локалните власти

    02.07.2021 13:00 | KumanovoNews

    Во услови кога локалните инспекциски служби се под ингеренции на општините не можеме да зборуваме за целосна независност во работењето и постапувањето. Тие се и основачи на јавните претпријатија, па така доведени сме во ситуација работата главно да ја насочиме кон правните и физички лица, со што од старт ги кршиме начелата на непристрасност и законитост, беше истакнато на работилниците за зајакнување и зголемување на ефикасноста на локалната инспекција, кои се одржаа во Куманово.

    Општинските инспектори бараат независност во работењето, без притисок од локалните власти

    Локалните инспектори од Североистокот побараа целосна независност во планирањето, постапувањето и одлучувањето, како и обуки за градоначалниците за да бидат ослободени од политиката и од притисоци.

    „Градоначалниците и општинските совети многу често на работата на локалните инспекциски служби гледаат низ призма на политиката и носат политички одлуки. Затоа, потребна е обука и за нив, за да ја разберат нашата работа, да не се мешаат во нашите одлуки и да го заштитат нашиот интегритет“, посочија локалните инспектори од Североисточниот регион.

    Тие добија поддршка од експертите на Инспекцискиот совет Методија Димовски и Благоја Гешоски, како и од Горан Трајчевски, раководител на секторот Инспекторат на Град Скопје, кои истакнаа дека инспекторите мора да имаат целосна самостојност во планирањето, постапувањето и одлучувањето како чувари на законитоста и заштитата на јавниот интерес.

    На работилниците со локалните инспектори од општините Куманово, Крива Паланка, Липково и Кратово, се отворија бројни прашања поврзани со примената на

    Законот за инспекциски надзор, и зајакнување на локалните инспекциски служби. Се разговараше и за тоа дали инспекциските служби треба да бидат централизирани, регионализирани или пак, и натаму да останат под ингеренции на општините.

    Беа нагласени и позитивните промени со новиот закон за инспекциски надзор, со кој за првпат се опфатени локалните инспектори и се дефинирани нивните права, но беа потенцирани и некои недоследности и недоволната хармонизираност на законската регулатива, што создава проблеми во ефикасноста на локалните инспекциски служби.

    Од работилниците произлегоа повеќе предлози и заклучоци за зајакнување на локалната инспекција како воведувањето на е-инспектор, двосменско работење, меѓуопштинско здружување на ресурси и влијание, регионална соработка и слично.

    Пренесувањето на искуствата од терен, пак, беа окарактеризирани како позитивни забелешки за интервенции и промени во законот за инспекциски надзор.

    „Неопходно е и да се промени перцепцијата во јавноста за инспекциските служби и да се сфати дека тие не се репресивен, туку превентивно-едукативен орган, со професионализирана и искусна администрација“, велат експертите.

    Ова се првите две од серијата работилници, што ќе се спроведат во сите плански региони, во рамки на проектот „Локални инспекциски служби во интерес на граѓаните“, спроведуван од НВОИнфоцентар Скопје, во партнерство со Центар на заедницата Струга и РЦС Спектар од Крива Паланка. Проектот е финансиски поддржан од програмата Цивика Мобилитас.