Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Тргната е од тротоар напуштената трафика на почетокот на улицата „Моша Пијаде“. Отстранувањето е извршено по налог на градежната инспекција, а во согласност годишната програма за отстранување на објекти за кои се издадени решенија.
Приоритет за интервенција е даден по реакцијата на многубројни граѓани.
„Времениот објект е во рамките на редовната програма за отстранување, но приоритет е даден откако неодамна партерно се уреди просторот кај зградите на Сума. Сега некако се заокружи акцијата за средување на двороната површина на зградите на овој локалитет и целокупно се добива почист урбан изглед. За овој времен објект одамна се дискутира, има бројни пријави од граѓаните од околните згради, а и советниците на Општина Куманово дебатираа на ова тема“, изјави Бобан Бојковски, од општинскиот инспекторат.
Трафиката одамна не е функционална,нема никаква намена и беше препуштена на забот на времето и рацете на вандалите. Затоа и соседите од околните згради повеќекратно реагираа за нејзино отстранување.
Тука се планира да се постават подземни контејнери или урбана опрема. Проценките се уште се прават, одлуките дополнително ќе се донесуваат.
Градежната инспекција во првите шест месеци од 2023 година покренала 9 прекршочни постапки, а отстранети се 14 објекти. Буџетот предвиден за извршувања на решенија на градежната инспекција изнесува 2,5 милиони денари. Одобрените средства за тековната година се речиси исцрпени.