Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По повод 11 Ноември - Денот на ослободување на градот синоќа во Уметничката галерија во Куманово беше отворена изложбата „Кумановски ликовни уметници 2022“.
Изложбата за прв пат била поставена во 1956 година и веќе 66 години во континуитет опстојува за најголемиот празник.
Присутните ги поздрави директорката на Музеј Куманово Мери Николиќ, и се заблагодари за поддршката и големото присуство на посетителите.
„Со најновата продукција на 21 ликовни дела уште еднаш покажавме и докажавме дека Куманово поседува богат и квалитетен ликовен потенцијал за развој на кумановската, но и македонската ликовна сцена. Кумановските ликовни уметници се активен двигател и одат во чекор со најновите светски ликовни остварувања што го повторуваат и на ова изложба“ истакна Николиќ.
На изложбата учествуваат уметниците: Александар Симоновиќ, Мирослава Цветковиќ, Страхил Петровски, Марина Цветановска - Мартиновска, Александар Величковски, Зоран Јакимовски, Стефан Анчевски, Марија Величковска, Гоце Божурски, Ана Јовановска, Мухамед Идризи, Деа Салихи, Валентина Илијевска, Дејвид Стоилковски, Дарко Трајковски, Акиме Насуфи Реџепи, Стефан Јакимовски, Симона Јакимовска, Игор Андреиќ, Трајан Трајковски и Мирослав Величковски.
Изложбата за отворена ја прогласи градоначалникот Максим Димитриевски, кој рече дека делата отсликуваат различен стил, карактер и даваат доплнителна вредност на сето она што како граѓани на Куманово го имаме и поседуваме.
„Слободна мисла и идеја, желба за создавање на нови добра е она што одсекогаш било и ќе биде“, изјави во поздравниот говор Димитриевски.
Продукцијата „Кумановски ликовни уметници“ е дел од официјалната програма за одбележување на празникот 11 Ноември. Финансирана е од Министерствот за култура и Општина Куманово. Изложбата за посетители ќе биде отворена до 22 ноември.