Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Уметничката галерија во Куманово синоќа беше отворена традиционалната изложба „Кумановски ликовни уметници“, на која учествуваат 20 уметници со дела изработени во најразлични техники и просторни инсталации.
„Куманово поседува богат и квалитетен ликовен потенцијал за развој на кумановската, но и македонската ликовна сцена. Гледаме современа поставка од ликовни дела со идеални ликовни вредности“, истакна на отварањето директорката Марија Миљуш Божурска.
На изложбата учествуваат: Валентина Илијевска, Дејан Божиновски, Тања Соларска-Темелковски, Александар Стефановски, Гоце Божурски, Мухамедали Алили - Дали, Мирослава Цветковиќ, Трајан Трајковски, Акиме Насуфи-Реџепи, Стефан Анчевски, Меланија Георгиевска, Ханифе Ислами, Марија Величковска, Мухамет Идризи, Марина Цветановска-Мартиновска, Страхил Петровски, Дејвид Стоилковски, Дарко Трајковски, Далибор Крстевски и Александар Симоновиќ.
Изложбата за отворена ја прогласи градоначалникот Максим Димитриевски, кој рече дека делата отсликуваат различен стил, карактер и ги поздрави уметниците кои творат за нашиот град и нашата држава, но и за светот.
„Имаме можност да проследиме ликовни дела од традиционално-модернистички стил. Заедно сите ние како кумановци се гордееме, особено на вас уметниците, бидејќи го збогатувате колоритот на културата и уметноста која излегува од Куманово“, потенцираше Димитриевски.
Продукцијата „Кумановски ликовни уметници“ е дел од официјалната програма за одбележување на празникот 11 Ноември. Финансирана е од Министерството за култура и Општина Куманово.