Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Мултимедијалната изложба „Скутина, фота, бовча, диљка“ од етнокореологот Бојан Петковски може да се види во фоајето на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
На изложбата се претставени петнаесетина скутини, како највпечатлив и централен детал на носијата не само кај женската туку и машката облека.
„Во период кога традицијата е на изумирање мора да бидат елиминирани стеротипните форми на нејзина презентација преку современи техники и методи за да се доближи до поширокиот аудиториум. Вредноста на скутината-историска, научна, уметничка јас секако ја знам, но од особена важност е да се пренесе и да стигне до пошироката публика“, вели авторот Петковски.
На изложбата скутината е претставена преку фотографии, кои се поставени така да може да се добие вистинска претстава за тоа како изгледале скутините и целокупниот визуелен изглед на носијата. На самите фотографии се прикачени експонатите - фути изработени со традиционални, народни техники со што авторот се потрудил да креира изглед најсличен на оригиналот.
Изложбата „Скутина, фота, бовча, диљка“ беше пропратена со сценско - уметнички перформанс од вокални напеви од етничките предели Источен дел на Славиште и Дурачка Река. Музичката точка беше изведена на кавал и две воклани солистки.
Проектот е поддржан од Министерството за култура, како проект од национален интерес и од Центарот за кулура, постојани партнери на младинскиот активизам и прогресивните уметници.