Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Изложбениот салон на Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово, денеска беше отворена изложбата на слики „Марини“ од авторот Ацо Таневски од Скопје. Изложбата содржи 28 дела, пејзажи масло на платно, изработени во периодот од 2002 до 2012 година.
Роберт Цветковски, историчар на уметноста, на отворањето на изложбата кажа дека станува збор за многу активен и плоден автор, кој работи на морскиот пејзаж и водата, а морските делови ги претставува на еден свој посебен начин.
„Тоа го прави со тоа што во самата композиција водата ја позиционира на централното место на платното, а потоа во содејство на земјениот пејзаж прави интересни структури и сето тоа го надополнува со едни специфични обработка, која се темели на една носечка боја и всушност таа боја на некој начин се градира и претставува атмосфера, која самата слика ја носи во себе. Може да се забележите дека човекот е потполно апстрахиран, што говори за неговите размислувања на релација човек природа, бидејќи смета дека однесувањата на човекот кон природата се погрешни и урбанистичките зафати ја деградираат природата“ кажа Цветковски.
Авторот Таневски се заблагодари на поддршката и на укажаната доверба да ги претстави своите дела за првпат во Куманово.
И во ова време-невреме не смееме да се предадеме и мора да се среќаваме. Да се надевам дека ова нема да трае уште толку долго, брзо ќе заврши ова лудило и ќе почнеме да се видуваме и да продискутираме за уметноста и да уживаме во не“, рече авторот Таневски.
Ацо Таневски роден 1965 година во Скопје. Завршил средно уметничко училиште во 1984 год. како и Факултет за ликовни уметности (педагошки, отсек сликарство) 1991 во Скопје. Член на ДЛУМ од 1993 година, и активен член на Сојузот на ликовни педагози.
Во моментот работи како ликовен едукатор во Национална галерија на Македонија. Организатор на едукативни работилници и изложби за млади. Освен со ликовна, се занимава и со театарска и книжевна уметност. Учесник на преку 100-ина групни изложби во земјата и во странство, како и на 40 - тина ликовни колонии.
Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 14.04.2021 година.