×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Пешаците небезбедни ни на обележаните премини, 13-годишното девојче се опоравува од повредите

    14.09.2023 10:48 | Оливера Пешевска

    Сообраќајната несреќа во која беше повредено малолетно девојче додека поминувало улица на пешачки премин, повторно го актуелизираше прашањето за безбедноста и опасностите кои им се закануваат на сите учесници во сообраќајот, особено за пешаците во Куманово. 

    Пешаците небезбедни ни на обележаните премини, 13-годишното девојче се опоравува од повредите

    Постојаните полициски контроли и казни за прекршителите на законот во принцип треба да ги намалат ваквите несреќи, но според полициските билтени лошите навики тешко се менуваат.
     
    Невниманието, неприлагодената брзина и насилието во сообраќајот, оставаат трајни последици по здравјето или целосно им го уништуваат животот најчесто на они кои се најмалку криви што се нашле во таквата ситуација.

    Тринаесетгодишното девојче беше повредено минатата недела, додека со нејзините другарки ја поминувала улицата на крстосница од булеварот Трета МУБ,  Б.Б.Гуцман и локален пат кон селото Проевце, кога патничко моторно возило „фиат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од К.Ј.(24) од с.Тромеѓа, удрило во неа. 

    „По несреќата девојчето било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ – Скопје, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди“, соопштија од полицијата.

    Мајката на девојчето вели, дека нејзината ќерка се опоравува од физичките и психички повреди и од претрпениот шок.

     „За среќа, ќерка ми е подобро, откако беше хоспитализирана на Интензивна нега на одделот за детска хирургија. Контактибилна е, нема скршеници на телото , ниту е со животоно загрижувачки повреди, останува само да се следи потресот на мозокот кој го здоби од ударот“, објаснува Билјана Миовска.

    Преживеаниот стрес и огромниот страв за животот на детето, останува кај секој родител по вакви немили случки. Затоа Миовска апелира до сите возачи да го ценат животот на другите како и својот, а надлежните најстрого да ги санкционираат прекршителите на законот.

     „Улиците станаа опасни како да се работи за воена зона. Детето е на 13-годишна возраст, оди на училиште, излегува со другарките, срамота е, зарем уште треба да ја водам за рака да премине улица. Удрена е на зебра, нема нејзина одговорност а се заради невнимание на некој друг. Мора да се контролираат возачите и да се воведат поригорозни казни, вака веќе не бива, можеби со камери на крстосниците и прометните улици ќе се подобри состојбата“, категорична е Билјана.

    Соседите кои живеат на самата раскрсница тврдат дека тука постојано се случуваат незгоди, пребрзо се вози, во текот на ноќта се организираат трки, или на раскрсницата ги вртат автомобилите „под рачна“, па неретко остануваат без сон.

    „И како по наредба секога пред да стигне полициска патрола се се расчистува.  Како некој да им дојавува, можеби имаат и стражи на околните улици и јавуваат кога ќе тргне полициско возило наваму. Најсигурни сме кога има забави на Кисела вода, тогаш има зајакнати контроли поради многуте возила, но има и најголем ред“, тврди наша соговорничка која сакаше да остане анонимна.

    Само од мај наваму во најмалку 5 случаи има повреди на малолетници при сообраќајни незгоди, сите за среќа без посериозни последици. Но, граѓаните на Куманово уште со бол во душата се сеќаваат на сообраќајната несреќа кај Митев Мост, кога беше прегазена 15-годишната Теодора Ц. од нас. Железничка станица, додека стоела на тротоар и чекала да ја помине улицата со другарките. 

    Пребрзото возење, не давање на предност, возење под дејство на алкохол или опијати, користењето на мобилни телефони додека се управува со возилото се некои од најчестите причини за предизвикување на инциденти во сообраќајот.