Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Република Македонија е прва во регионот по број на жртви од ковид-19 на милион жители население, а петта во цела Европа по однос на оваа категорија, а виновник за оваа катастрофа во којашто се наоѓа државата е Владата на Зоран Заев, рече на денешната прес-конференција, Бране Петрушевски, пратеник во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите мерки коишто се преземаат во однос на пандемијата се политизирани и селективни. Последен случај е во Општина Штип, прво се спроведуваше изборна кампања, па избори, а во вечерните часови имаше прослава со масовни групирања, а притоа не се почитуваше забраната за работа на угостителските објекти до 21 часот. А пак, од друга страна веќе идниот ден владата најави нови рестриктивни мерки за најпогодената категорија од оваа пандемија, тоа се угостителските работници за тоа истото работно време да им биде намалено, што го сметаме за едно големо лицемерие“, вели Петрушевски.
Тој додаде дека тие како опозиција предложиле повеќе мерки за справување со корона-кризата, кои биле одбиени од власта, а една од нив и вакцинацијата од сезонски грип да се изврши порано, а не да доцни како сега.
„Нашиот град којшто е град со над 100 илјади жители и институции коишто опслужуваат и околни општини доби неколку стотини вакцини од сезонски грип што е смешна бројка во однос на потребите на овој град. Владата не ги прифати нашите амандмани во буџетот за инвестиции и во здравствените објекти, подобрување на условите во коишто работат и здравствените работници и корисниците на услугите, не ги прифати амандманите за нови ковид возила, па да не бидеме сведоци како тоа еден премиер донира поволни возила“, посочи пратеникот.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ потенцираше и дека тие поднеле измена на законот за заштита од заразни болести каде предложиле да се формира комисија којашто ќе се справува со пандемијата со ковид-19, за да се избегнат исполитизираните одлуки, а и Владата да потпише договори и со приватните лабаратории во државата за да им се овозможи на граѓаните бесплатно тестирање.
Тој побара оставка од Владата и формирање на нова Влада којашто ќе биде Влада за национален спас која ќе биде присутна за граѓаните и од здравствен, економски и секој друг аспект.
(Ф.М.)