Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Членови на Планинарското друштво „Куманово“ викендов беа во експедиција на освојување на врвот Арарат во Турција и Дамаванд во Иран. На патување во Азија заминале две екипи, четиричленаta за Турција и двајца планинари за Иран.
Арарат е заспан вулкански масив, го нарекуваат и „покривот на Турција“, а предизвик за планинарите се Малиот Арарат со висина од 3.896 метри и големиот со висина од 2.137 метри.
„Се искачивме на надморска височина од 5.137 метри, на Големиот Арарат на 28 јули во 6 часот наутро по локално време. Тоа е каменита патека, која е подмрзната и лизгава, а на самиот врв секогаш има снег, така да не беше лесно. Искачувањето се случуваше ноќе, траеше 5 часа, но новиот ден го поздравивме од новоосвоениот врв, што за нас беше огромно задоволство“, изјави Стојанче Стефановски, претседател на ПД „Куманово“.
Во македонската експедиција уште учествувале и Марјан Тошиќ, Ивица Петковски и Славејко Јосевски, сите од Куманово, како дел од интернационалната, десетчлена екипа со уште 2 планинари од Ирска и по еден од Унгарија, Германија, Русија и Франција.
„На планината поминавме четири дена. Искачувањето почна на подножјето на надморска висина од 1.200 метри, првиот базен камп беше на 3.200 метри, а вториот на 4.100 метри. Под водство на професионален водич етапите се искачуваат согласно протоколите за аклиматизација на планинарите и привикнување на организмите на висинската разлика, малата концентрација на кислород на поголемите висини“, вели нашиот соговорник Стефановски.
Втората експидиција на планинари, која заминала за Иран, го освоила повисокиот врв Дамаванд, кој се наоѓа на висина од 5.610 метри. Во неа учествувал Маријан Стевановски и уште еден член кој сака да остане анонимен. Освојувањето на врвот било на 28 јули, околу пладне. Специфично за ова локација е што на самата планина, близу кратерот на вулканот испарува сулфур, кој многу го отежнува искачувањето.
Сите планинари се веќе искусни во овој спорт, имаат и до сега искачувано врвови, претежно во Европа. Овие две искачувања, на личен план, за секој од нив е достигнување и незаборавно искуство. Воедно и предизвик за надминување на самите себе со следните експедиции и освојувања на планински врвови.
Сите патувања и планинарски тури на планинарите се самофинансирачки до саканите дестинации.
(Фото: ПK Куманово)