×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • По што ќе ја паметат и што посакуваат кумановци во Новата година

    02.01.2021 19:58 | KumanovoNews

    Многу здравје, среќа, љубов, позитивна мисла, но и промени на политичката сцена очекуваат политичарите и јавни личности од Куманово во Новата 2021 година.

    По што ќе ја паметат и што посакуваат кумановци во Новата година

    За разлика од порано кога сите имаа лепеза од желби и очекувања, по искуството од минатата година која донесе многу невољи и искушенија, кумановци сега се скромни и реални. На прво место е желбата што побрзо да заврши коронакризата, а потоа да имаат здравје и среќа.

    Поради тоа што секоја година значи нов почеток и нови можности,  освен по ковид-19, по што друго ќе се памети 2020 година и што очекуваат во новата 2021 година, прашавме дел од нашите сограѓани.

    Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ, 2020 година ќе ја памети по тоа што му донесе промена во професионален живот, избран е за пратеник во Собранието, а неговата кариера како инжинер по информатички технологии ќе почека.

    „На личен план ќе ја паметам 2020 година по тоа што го прославивме првиот роденден на мојот син, кој ми пружа најголема радост и најмногу ме мотивира да истрајам во мојата намера да се борам Македонија да стане подобро место за живот. За него и за сите наши деца! Од 2021 очекувам да биде година на позитивни промени на секое поле. Очекувам и се надевам дека пандемијата ќе биде ставена под контрола и дека животот ќе се врати во нормала.

    Очекувам дека ќе има промена и на политичката сцена, што ќе и овозможи на нашата држава побрзо да застане на нозе и да доживее подем во сите сфери на човековото постоење. Се надевам и посакувам како и секоја година светот да стане поправедно и поблагородно“, - вели Петрушевски.

     На Мартин Костовски пратеник од СДСМ, минатата година исто така ќе му остане во сеќавање поради тоа што ја добил довербата од граѓаните да биде претставник во законодавниот дом, но и по новите навики и начинот на живот.

    „Оваа година станав за првпат пратеник, нов момент во професионлните обврски. Најбитното во следните неколку месеци мора да преживееме, за да може нормално да живееме. Искрено посакувам здравје и само здравје, здравиот човек може се`. Во исто време сакам да дадам и личен пример со примање на вакцината. Едноставно мои кумановци да бидеме примерни и одговорни за време на празниците за да му дадеме шанса на животот да продолжи“, вели Костовски.

    За Анета Станковиќ - Јанковска, директор во ОУ Христијан Карпош во с. Драгоманце, 2020 е тешка година, сосема поразлична од сите поранешни, во која најважно беше сите да го сочуваме здравјето и да се посветиме на семејството.

    „Бидејќи мојата работа е тесно поврзана со најмалите, оваа година наидовме на едно сосема поинакво искушение и предизвик околу целокупната организација и следење на протоколите за работа во воспитно-образовниот процес во услови на пандемија. Во изминатиот период максимално се посветив за отстранување на аномалиите со кои се соочува училиштето и во чекор со современите трендови работиме на создавање училиште на 21 век. Почнавме со реконструкција на еден помошен објект кој ќе прерасне во спортска сала за одржување на часовите по физичко и здравствено образование, во тек се активности за создавање сензорна соба за потребите на учениците со попреченост и работиме на проект преку кој обезбедуваме училишни материјали за потребите на учениците.

    Во новата 2021 година сите имаме големи очекувања, најважно е да останеме во добро здравје, со позитивни мисли, да се почитуваме меѓу себе и со многу љубов да одиме по патот на успехот кон постигање повисоки цели и резултати“, - вели Станковиќ Јанковска.

    Сашо Тодоровски, директор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, смета дека во годината зад нас освен што се соочивме со непознатото, сепак научивме дека треба повеќе да се почитуваме еден со друг и да си го поставиме прашањето каде сме.

    „Нешто што сме го заборавиле, а толку е потребно за да можеме подобро да движиме во овој свет.  Професионално јас сум горд што го завршивме проектот за реконструкција и адаптација на Театар Куманово и очекуваме во 2021 да започне реализација на истиот. Во 2021 година очекувам убави работи за себе и за луѓето околу мене. Да се случуваат работи кои ќе не направат подобри луѓе, луѓе кои ќе бидат корисни за општеството. Бидејќи среќата е убава кога се дели со некој, само така може да бидете комплетно среќни и задоволни“,- вели Тодоровски.

    Емилија Сларидис - Јаневска, раководител на Сектор за урбанизам во Општина Куманово, вели дека во периодот кога го славиме раѓањето на новата година се создава нова надеж и посакува убавите работи од минатата година да траат, а лошите нешта да не се повторат.

    „Оваа 2020 година сепак ќе ја паметам смо по убавите работи кои ми се случија на личен и професионален план. И покрај се` сите членови на моето семејство успеавме да останеме во добро здравје и позитивен дух. Издвоивме повеќе време за најблисите и поминавме повеќе време во природа. Пред една недела бев унапредена во раководител на Сектор за урбанизам,  функцијата која дотогаш ја извршував со овластување. И покрај тешката година на професионален план заедно со моите колеги од урбанизам успееавме да реализираме повеќе проекти со што 2020 година ја претвориме во успешна година. На сите граѓани им поскувам секој ден од Новата година да им биде исполнет со убави работи, здравје, љубов, радост и мир“, - вели Сларидис - Јаневска.

    Секретарот во Општина Куманово Александар Гелевски, исто така 2020 ќе ја памети по убави настани, односно по тоа што е именуван за секретар на Општина Куманово.

    „Со тоа ми се пружи можност да го зголемам кругот на соработниците и да започнам многу поинтензивно да комуницирам со повеќе колеги и со својата стручност да принесеме за уште поголем развој на општината. Од оваа позиција присуствувам на различни настани и запознав исклучително стручни и професионални луѓе од различни области. Со ширење на дистрибутивната мрежа на градскиот гасовод, објектот во кој живеам, за прв пат доби можност за приклучок на гас, со што целосно го променив и начинот на загревање. Викендите и слободното време многу повеќе од порано ги користев за посета на излетничките места во околината на градот и откривав места кои буквално ме изненадија со својата убавина“, - вели Гелевски.

    (Фото 2020: Кети Митковска)